Зелениот институт одржа дебата за законските измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање

Еден од предлозите е зајакнување на нормативите за урбано зеленило од 25 на 50 метри квадратни по жител на ниво на град. Дополнително, се бара и повеќе од двојно зголемување на финансирањето на зеленилото

фото: Зелен институт

Во прашалник поставен на 150 испитаници за достапност на јавните зелени површини, 37 отсто одговориле дека живаат со зеленило помалку од 50 квадратни метри, а 94 отсто кажале дека би презеле нешто за помош на унапредување на зеленилото.

Прашалникот беше претставен на јавната дебата за законските измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање во салата на Советот на Град Скопје, во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“ кој се работи во соработка со Градот Скопје и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, а во партнерство со граѓанските организации Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатската програма на Екосвест финансирана од Шведска.

Дебатата ја отвори Лилијана Поповска од Зелениот институт која го истакна огромното значење на зеленилото за намалување на штетите од климатските промени во градовите. Таа ги претстави резултатите од анализа на експертскиот тим за меѓусебната усогласеност на законите за урбано зеленило, урбанистичко планирање и градење, како и соодветните правилници. Утврдени се три вида проблеми како законската неусогласеност, масовно непочитување на Законот за урбано зеленило од планери и институции, и непочитување на професиите шумарски инженер и пејзажен архитект.

Експертскиот тим предлага повеќе измени на законите за урбано зеленило, за урбанистичко планирање и за градење, со соодветните правилници. Еден од предлозите е зајакнување на нормативите за урбано зеленило од 25 на 50 метри квадратни по жител на ниво на град. Дополнително, се бара и повеќе од двојно зголемување на финансирањето на зеленилото.

Ана Петровска – експерт за животна средина и планирање на просторот претстави неколку случаи на незаконска пренамена на зеленилото како случаите „Градски ѕид”, „Реонски центар Карпош Сити мол“ и „Настел“. За спречување на вакви појави се предлага да се усогласат и прецизираат Законот за урбанистичко планирање, Правилникот за урбанистичко плзнирање, Законот за урбано зеленило, Правилникот за планирање, проектирање и Законот за градење.

Кирил Ристовски од Флорозон говореше за анализата на зелениот катастар во Скопје. Тој посочи дека во државата моментално имаме само еден зелен катастар кој не е довршен, не е јавно достапен и не се користи во урбанистичко планирање. Изработката на катастарот исто така била финансирана од меѓународни донатори.

За крај, Даниела Димитриевска од Македонското женско лоби ги претстави резултатите од прашалник изведен со помош на 150 испитаници. Од нив, 37 отсто живеат со зеленило помалку од 50 метри квадратни, 93 отсто рекле дека не би го жртвувале зеленилото за дополнителен бесплатен паркинг простор, а 32 отсто укажале на губење на зеленилото од училишните дворови.

Прашалникот исто така покажува дека граѓаните сакаат да одат во природа, а 21 отсто велат дека истото го практикуваат секој ден. Дури 126 испитаници рекле дека зеленилото за нив претставува здравје.