fbpx

Зечевиќ за „Фокус“: Европската унија е најголем чувар на македонизмот

Генералниот секретар на СДСМ посочи дека постојат континуирани разговори со ВМРО-ДПМНЕ на повеќе нивоа, а она што недостасувало биле оперативни разговори околу чекорите што произлегле од лидерската средба

-

Постои реална можност уставните измени да се случат, а одговорноста е кај сите политички субјекти и пратениците во македонското собрание, вели во интервју за неделникот „Фокус“ генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.

Зборувајќи за процесот на носење на уставните измени на европскиот пат, Зечевиќ рече дека СДСМ и тој како политичар ќе направат сè за реформите да бидат спроведени и да се оствари стратешката цел за членство во ЕУ.

„Затоа што веруваме дека тоа значи спас за нашата земја, забрзан економски раст, повисок животен стандард, затворање на сите идентитетски прашања и сигурна, обезбедена иднина за младите. Постои реална можност уставните измени да се случат. Одговорноста е кај сите политички субјекти и кај сите 120 пратеници. Сите коишто и мислат добро на државата, на народот, коишто се согласуваат дека Европска Македонија е единствената опцијата за сигурна македонска иднина. Сакал некој да разбере или не, Европската унија е најголем чувар на македонизмот“, вели генералниот секретар на СДСМ.

Зечевиќ во интервјуто рече дека државните политики на неговата партија резултирале со јасна поддршка за земјава од европските и светските држави.

„Ваква силна меѓународна поддршка досега сме немале. Свесен сум дека стратешките геополитички односи имаа одредено влијание и сега е моментот да се искористи оваа, би рекол историска шанса. Од нас зависи, дали оваа шанса ќе ја зграпчиме или ќе ја пропуштиме“, вели Зечевиќ.

Тој ја повика опозицијата да се придружи во носењето одлуки за, како што рече, новото европско поглавје на македонската епопеја.

Генералниот секретар на СДСМ посочи дека постојат континуирани разговори со ВМРО-ДПМНЕ на повеќе нивоа, а она што недостасувало биле оперативни разговори околу чекорите што произлегле од лидерската средба.

„Не сакам да верувам дека од другата страна имаме луѓе коишто не гледаат подалеку од портите на партиската палата и кои партискиот интерес го ставаат пред националниот и државен интерес. Времето ќе покаже кој од што е направен и кој за што се борел. Едноставно е – не можете во целата современа македонска независна историја да не бидете присутен кога се носат клучните одлуки. Во сите клучни мигови СДСМ ги носи тешките одлуки. Дајте сега, сите, ама баш сите заедно, конечно да ја испишеме новата страница, новото европско поглавје на македонската епопеја, на македонската државност“, посочи Зечевиќ.

Во интервјуто за неделникот „Фокус“, Зечевиќ зборува и за состојбата во судството, оценувајќи дека е потребно целосно ресетирање на системот, за кој рече дека за 11 години под режимот доживеал целосна ерозија.

„Судскиот систем мора да се реформира, но исто така и судиите мора да добијат пристојни услови за работа. И тука не мислам само на финансиски аспект, туку и на технички, организациски и така натаму. Мора да има ресетирање на системот. Иако, не мислам дека единствено ветингот ќе ги реши проблемите во судството. Ерозијата на судскиот систем како последица на 11 годишното владеење на ДПМНЕ треба од темел да се обновува. Да се создаде систем за професионални судии и судството со квалитетни и достоинствени услови на работа. Судијата не треба да делува под притисок на јавност, туку по принцип на закон, приоритет и воспоставен систем“, вели Зечевиќ во интервјуто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...