Збирката раскази „Мојот маж“ на Румена Бужаровска е книга на неделата во Германија

Книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровска е прогласена за книга на неделата во реномираниот германски неделник „Шпигел“. Книгата во Македонија во 2014 година ја издаде издавачката куќа „Или-или“, а германското издание „Mein Mann“ во превод на Бенјамин Лангер, излезе на 7 март годинава при реномираната издавачка куќа „Зуркамп“.

Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години, напиша македонската писателка Оливера Ќорвезироска.

Додека пак, македонскиот поет и лектор по македонски јазик, Ѓоко Здравески за книгата вели дека „стравот и лагата (илузијата/заслепеноста), која нужно доаѓа во пакет со стравот, се јадрото околу кое се градени повеќето раскази“.

„Очигледно е дека критиката се однесува пред сѐ на нашето општество, затоа што во расказите има јасни маркери за простор“, пишува Здравески.

„Мојот маж“, опфаќа 11 приказни на жени за нивните мажи каде се зборува за семејниот и брачен пекол, но и за смешните секс-сцени кога се оди наопаку. Подлабоко во суштината, збирката претставува едно општо освестување за повеќе од очигледната еманципација на жената и нејзината важна улога во општеството.

Книгата лани доживеа своја премиера на театарската сцена во Драмскиот театар во режија на Нела Витошевиќ.