Под мотото „Прекрасното непознато“почнува 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

На вечерашната свеченост на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу ќе му биде врачена наградата Златна камера 300 за животен опус

Фото: ИФФК „„Браќа Манаки“

Под мотото „Прекрасното непознато“ Фестивалот на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 44. издание.

Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура – Битола, со проекција на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција. Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300” на „Браќа Манаки“ во 2018 година за краткиот филм „Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

На вечерашната свеченост на годинешниот лауреат, оскаровецот Питер Бижу ќе му биде врачена наградата Златна камера 300 за животен опус.

Инаку, во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот тепих е поставен пред Центарот за култура-Битола.

Така, вчера попладне во пред-програмата, во културниот центар „Магаза“, македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка, Румена Бужаровска зборуваше за нарацијата во книжевноста и филмот. Настанот кој се одржа во културниот центар „Магаза“, а кој го модерираше Ана Василева, е дел од Офф програмата.

„Тоа што се памети е приказната. Сите најдобро паметиме приказни. Начинот на кој учиме е преку приказни, начинот на кој го пренесуваме знаењето е преку приказни. Но, и преку слики, во филмската уметност. Некои од сликите во детството се немаат најдено во моите раскази. На пример, кога бев малечка, ме нервираше едно девојче кое ни кажуваше стално да ѝ зборуваме дека е убава, па еднаш ѝ реков да фати коприва. Таа слика кога таа ја фати копривата, ми остана во сеќавање. Сакав да сфати дека убавината не е нешто најважно на светот“, рече Бужаровска.

Според неа, кога станува збор за филм, приказната е сржта на филмот.

„Режисерите често се преценуваат кога се обидуват да напишат приказна за филм. И пишувањето и снимањето филм, се занаети. Режисерите треба да им дадат простор на раскажувачите и на писателите. Има начин како се пишува приказна, како што има начин како се снима филм Тоа се вештини и тоа се учи. Но сепак, не може да има филм без приказна“, смета писателката.