Интервју со Ирена Јурчева: Природата, тишината и мирот се најголемиот луксуз денес

Ирена Јурчева / Фото: лична архива, се користи со дозвола

Ирена Јурчева е преведувачка, писателка и педагог. Во интервјуто за Мета.мк таа зборува за нејзиниот творечки процес, за предизвикот да се преведе „Силмарилион“ од Толкин на македонски јазик (која патем сè уште чека да биде објавена). Таа ја објаснува потребата од патувања како дел од творењето и наоѓање инспирација во природата, посочува што ја исполнува во нејзината педагошка дејност и порачува дека секоја креативна дејност бара самотија.

Во повеќе ваши прозни дела, како на пример „Белата е најстрашната боја“ и „Разнишан свет“, пишувате од перспектива на машки лик. Зошто се решивте за употреба на таа форма на пишување? Дали тоа се случува поради класификацијата на Јунг во која сите луѓе имаат женска и машка страна или е можеби поради тоа што сакате да експериментирате во пишувањето? Или, пак, толку имате многу читано машки писатели кои за жал се статистички побројни од жените писателки, што по рефлекс од читањето ви дошло во расказите да раскажувате од таа перспектива само од себе?

Почесто ми доаѓа да се изразам преку машкото или неутрално лирско јас, и во поезијата и прозата. Отпосле станувам свесна дека раскажувам преку машки лик. Тоа е поетичка постапка што е ретко видена на нашиве простори, како што ми рекле некои колеги писатели во нашите разговори.

Би одговорила потврдно на сите поптрашања – сакам да експериментирам во пишувањето и да се обидам да ги согледам нештата преку машка перспектива; повеќе имам читано дела од машки писатели; кога станува збор за анимусот во личноста на жената, не можеме да избегаме од нашата непозната внатрешна личност, личното и колективното несвесно. „Огнот наш нестишен“ како да се оддолжува за тоа мое избегнување на женското лирско јас со тоа што женскиот лик Искра во поезијата е поистакнат од машкиот, Огнен.

Долги години работите на преводот на „Силмарилион“ од Толкин – од англиски на македонски јазик. Самиот превод ви беше тема и за магистерскиот труд како предизвик и годинава конкурирате кај Министерство за култура за конечно објавување на преводот – на голема радост на сите љубители на Толкин, ви посакуваме успех и што побрзо да ја видиме книгата во книжарниците во Скопје. Нашето прашање е дали би продолжиле со преводи на другите книги од Толкин  приредени и уредени од Кристофер Толкин како „Незавршените преданија“ или можеби најновата книга од Толкин куќата „Берен и Лутиен“ („Господарот на прстените“ и „Хобитот“ се веќе преведени)?

Ирена Јурчева / Фото: лична архива, се користи со дозвола

Најпрвин сакам да се објави преводот на македонски на The Silmarillion. Книгата ја преведов пред неколку години на што претходеше долгогодишно истражување, читање и многу неуспешни обиди. Се разбира, тоа е првата верзија која понатаму ќе подлежи на проверки и промени. Значи, ме чека уште многу работа. Би била пресреќна ако ми се укаже можност да ги преведам барем уште едно Толкиново дело. Свесна сум дека за тоа е потребна огромна посветеност, време, енергија и жртва. Кога ги спомнавме „Господарот на прстените“ и „Хобитот“, дури и да се направат други преводи покрај постоечките, тоа само може да придодаде на богатството на преводите на македонски јазик.

Вие владеете со повеќе јазици и може да се рече дека сте вистински филолог и донекаде и полиглот, а се бавите и со педагошка дејност покрај пишувањето книги. Колку ве исполнува работата како педагог и кое би било ваше идеално работно место?

Не ми е дадена дарбата да бидам полиглот. Вистинскиот полиглот зборува течно повеќе од четири јазици според некои дефиниции, ги разбира, ги зборува и е во состојба темелно да ги проучи. Јас зборувам само два странски јазика, англискиот и францускиот. За вториов ми треба освежување бидејќи не го користам секојдневно.

Работам како наставник долго време, и покрај тоа што не сум педагог со „тапија”. Пишувањето и преведувањето чувствувам дека се мојата мисија, а една од најголемите награди од работата ми е кога ќе видам насмеаните лица на моите ученичиња, ги слушам нивните приказни и шеги, и знам дека сум дел од нивното детство и ќе им останам во сеќавањата.

Идеалната работа за мене е онаа што ми пружа најголемо духовно и умствено уживање- а пишувањето е мојот најголем хедонизам. Идеално работно место за мене  би се наоѓало во здрава средина, на планина или покрај вода. Би го работела она за што најмногу ме бидува, фокусирано, трудољубиво, и во период кога сум најпродуктивна. Со флексибилно работно време, со ред и самодисциплина, но и водено од инспирацијата. Денес работам два часа, а утре десет. Работа во мир и тишина. Ова не е премногу, и не е нескромна желба. За жал, природата, тишината и мирот стануваат најголем луксуз денес.

Познати сте по тоа дека често сакате да работите на нови книги во самотија, односно да отпатувате некаде и да пишувате. Дали патувањата и отргнувањето од градот Скопје ви преставуваат здивнување и тогаш наоѓате време и со сама себе да творите покреативно? Или можете и истиот ефект да го предизвикате и со пишување од дома?

Секој вид креативна работа бара самотија, се разбира конструктивна, и тоа е предуслов за секоја фаза од креативниот процес. Во оваа прилика ќе го цитирам Гете: „Талентот се храни во самотија…авторот е дете на самотијата.“

Ирена Јурчева / Фото: лична архива, се користи со дозвола

Последниве години не патувам на далечни дестинации и најчесто одам во нашите

градови и села во регионот на Охрид, Крушево и Струмица, и во соседните земји. Не ви треба долго време да поминете некаде за да си го дозволите потребното размислување и набљудување на креативниот процес.  Доволно е да се тргнете неколу дена од сè што ви го одзема вниманието, па и малку да ја промените секојдневната рутина за подобро да го разберете вашиот внатрешен свет и внатрешни лични искуства. Сакам во секое ново место да пронајдам дом. Домот е онаму каде што можам да творам. Самотијата е потребна, без разлика дали сум во Скопје или на друго место.

Кои книги, серии и филмови ги препорачувате? Ве молиме наведете по три по можност понови во секоја категорија.

Препорачувам три книги од тројца мајстори на раскажувањето: романот „Засолниште во времето“ од бугарскиот писател Георги Господинов, „Угризи“ од словенечкиот писател Андреј Блатник (раскази) и „Раскази од минатиот век“ од македонската писателка Виолета Танчева-Златева.

Од серии кои последнава година ги гледав би ги препорачала: Westworld (научна фантастика), House of the Dragon – (фантастика), и Dark (германска научна фантастика и трилер серија).

Филмови од последниве години кои ме одушевија, а не можам да наведам само три: Dune, Belfast, Malcom and Marie, The Father, Coda, The Midnight Sky. Кој од кој поразличен! Имам еклектичен вкус за серии и филмови. Омилените жанрови меѓу нив ми се фантастиката и психолошките драми.