Започна втората фаза на уредување на новата Ботаничка градина во Скопје

Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови - растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија

Фото: Град Скопје
Втората фаза на уредување на новата Ботаничка градина во Скопје, односно поставувањето на хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот започна денес. 
Градоначалничката Данела Арсовска изврши увид на просторот во рамки на Зоолошката градина, а кој се простира на 12.600 квадратни метри, каде ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници и ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и други содржини за посетителите.
„Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Овој претходно празен и неуреден простор ќе биде природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје Европска престолнина на културата 2028“, истакна Арсовска.
Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.
Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.