fbpx

Започна Меѓународната конференција за отворени податоци на Фондацијата Метаморфозис

-

Меѓународната конференција за отворени податоци на тема „Податоците и културата на отвореност“ на Фондацијата Метаморфозис денеска беше отворена во хотелот „Холидеј Ин“ и беа одржани две сесии од тридневната програма на Конференцијата, која што се одржува во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Директорот за развој на Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски на отворањето на Конференцијата, во својот говор истакна дека соработката со УСАИД во делот на промоцијата на отворените податоци ќе има сличен ефект како претходните проекти на кои меѓусебно соработуваа Метаморфозис и УСАИД, како што беше случајот со имплементираниот проект за проверка на факти со поддршка на УСАИД во периодот до 2017 година.

Фото: Мета.мк

Стојановски рече дека меѓународната конференција за отворени податоци е продолжение на соработката со УСАИД, истакнувајќи дека е пријатно да се соработува со нив и со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Тој им посака добредојде на сите учесници на конференцијата и им посака успешна работа во наредните три дена.

Вршителот на должноста претставник на канцеларијата на УСАИД Џејмс Стајн во своето обраќање истакна дека многу му е драго поради тоа што во наредните денови ќе се зборува за користењето на отворените податоци, бидејќи отворените податоци се алатка која што овозможува култура на доверба меѓу институциите и граѓаните. Стајн напомена дека отворените податоци им овозможуваат на владите да преземат одговорност, овозможувајќи им притоа и на граѓаните информации за тоа како се користат парите.

Стајн ги пренесе и зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, кој јасно кажа дека неговата администрација е насочена кон највисоките вредности на транспарентноста и на демократијата. Притоа, отворените податоци се алатка за да се направат потранспарентни одлуките на владата.

Тој во својот говор искажа задоволство што бројот на отворени сетови на податоци од институциите и општините се зголемува во изминатиов период, со што може да се вршат позитивни промени во општеството и да се промовираат решенија за користење на отворените податоци од граѓаните. Џејмс Стајн истакна дека УСАИД работи на поддршка на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, заедно со министерствата во хармонизирање на законите.

„Прогресот е импресивен и се надевам на дополнително споделување на знаење од сите учесници во наредниот период“, рече Стајн.

Фото: Мета.мк

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити во своето обраќање истакна дека отворените податоци се многу важни за да се направат институциите транспарентни, додека политичарите и раководителите да бидат одговорни и попристапни за новинарите и граѓаните.

Во рамките на соработката на МИОА со Фондацијата Метаморфозис, со редовните активности за отворени податоци, континуирано се работи на поддршка на институциите со техничките аспекти и начинот на функционирање на порталот за отворени податоци – data.gov.mk.

„Заклучно со денес, на порталот се објавени 543 податочни сетови од 72 институции од јавниот сектор. МИОА во соработка со Фондацијата Метаморфозис во рамки на проектот на УСАИД работи на поддршка на институциите, како што се МОН, МВР, Биро за јавни набавки, Институт за јавно здравје и Генералниот секретаријат на Владата во процесот на отворање на нивните податоци“, изјави министерот Адмирим Алити.

Тој најави дека ќе се реализираат повеќе активности во наредниот период, како што се: дводневна онлајн обука за отворени податоци во петте институции, попис и каталогизација на податочните сетови, креирање на податочни сетови во отворен формат и други активности. Воедно, досега е спроведена обука за обучувачи на која учествувале 20 претставници од 9 државни институции, а изработен е и автоматизиран вебинар со 10 лекции за отворени податоци.

Министерот Алити спомена и дека се предвидени измени на законот, во насока на негово усогласување со ЕУ директивата за отворени податоци и реупотреба на податоците од јавниот сектор. Веќе е формирана и работна група за законски измени, која активно работи за постигнување на оваа цел.

На првата сесија од Меѓународната конференција за отворени податоци се зборуваше за доброто владеење преку отворени податоци, на која учество зедоа Станислав Василковски, советник за ИТ системи во МИОА, Златко Атанасов, државен советник и координатор во Собранието на РСМ, Ирена Бојаџиевска, експерт за отворени податоци и Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Фото: Мета.мк

Станислав Василковски од МИОА на сесијата спомена дека Стратегијата за отворени податоци во земјава е создадена во 2018 година, кога е креиран и порталот за отворени податоци data.gov.mk. Порталот е создаден врз база на најдобри светски практики.

„Тој е платформа на која може да се пристапи на отворените податоци од сите институции“, истакна Василковски.

Тој додаде дека соработката со Фондацијата Метаморфозис континуирано ќе продолжи и во наредниот период, а во план е и поширока обука на која ќе може да се вклучат луѓе што не се во процесот, а сакаат да бидат вклучени во него.

Василковски спомена дека веќе е изготвен и промовиран петтиот акциски план за отворена власт 2022-2025 година, кој е подготвен од претставници на владиниот и невладиниот сектор. На 23 февруари годинава се одржала и конференција на високо ниво за промоција на петтиот акциски план за промоција на отвореното владино партнерство и отворена власт.

Златко Атанасов од Собранието на РСМ на сесијата спомена дека законодавниот дом има два стратешки документа, при што во Стратешкиот план за Собранието од шесте стратешки цели како втора е наведена отворениот парламент. Најпрво било важно да се определи кои податоци треба да бидат отворени, а втората работа била сите тие податоци да бидат ставени во електронски формат, така што тие ќе бидат лесно достапни и пребарливи и да можат лесно да се симнат во отворен формат.

„Порано мислевме дека е доволно да ставиме ПДФ од Планот за јавни набавки, но излезе дека не е така“, изјави Атанасов.

Во однос на отворените податоци, Собранието на РСМ внимавало покрај тоа што треба да бидат во електронски формат, да се објават повеќеканално и недискриминаторски, што би значело и на повеќе јазици, но и не само на собраниската веб-страница, туку и на посебен портал за податоци.

Меѓу заложбите, а во рамките на стратешката цел на Собранието на РСМ за ИКТ инфраструктура, Атанасов посочи дека се работи на нова собраниска веб-страна која ќе овозможи подобро пребарување за граѓаните и можности за емитување на новиот собраниски канал, на кој Собранието сака да понуди дебатни емисии и сопствена продукција.

Во рамките на оваа стратешка цел на Собранието е и имплементацијата на софтвер за следење, со кој на собраниската веб-страна во реално време ќе може да се следи до каде е донесувањето на некој закон за кого почнала законодавната постапка, за да знае секој субјект до каде е законот, каде треба да се лобира и кај кого.

Експертката за отворени податоци Ирена Бојаџиевска на сесијата истакна дека првиот закон за отворени податоци бил усвоен во февруари 2014 година, така што веќе имаме искуство од осум и пол години како земја. Покрај обврската да се усогласиме како земја со новата директива на ЕУ, новиот закон се носи и за да се адресираат предизвиците со коишто досега сме се соочиле во пракса.

Фото: Мета.мк

Бојаџиевска потенцираше дека анализата на ревизијата на Директивата на отворени податоци на ЕУ покажала оти повратот на инвестиции на ниво на ЕУ од отворените податоци е проектирано да биде 149 милијарди евра. Додадената вредност е дека до 2027 година врз основа на отворените податоци треба да се зголеми бројот на работни места во ЕУ меѓу 709.000 и 795.000.

Таа спомена резултати од спроведено истражување, кое покажува дека од 50 институции, 38 или 79% од нив, одговориле дека рачно ги ажурираат податоците, а само 5 институции потврдиле дека технички ги ажурираат податоците преку АПИ.

Исто така, 37% од институциите одговориле дека отворањето на податоците е изводливо, меѓутоа нивното отворање бара несразмерно голем напор за нив.

„Тие имаат или недоволна хардверска и софтверска опрема или имаат проблем со ИТ кадар или општо со човечки и технички ресурси“, изјави експертката Бојаџиевска.

Самата ЕУ дури и пресметала колку чини отворањето на податоците од институциите. Тековните понуди говорат дека тоа чини од 2.400 евра годишно за до 7,3 милиони АПИ барања до 150.000 евра годишно за до 1,2 милијарди АПИ барања. Условот да се направат достапни отворените податоци преку АПИ би чинело од 30.000 евра до максимум 2 милиони евра годишно за секоја земја-членка.

„Бидејќи сме мала држава, не сметаме дека станува збор за големи фискални импликации за земјата и институциите“, посочи Бојаџиевска.

Таа додаде дека средствата не треба да се изговор зошто немаме повисоко ниво на отворени податоци.

За отворање на податоците, во наредниот период ќе треба да се работи со Државниот завод за статистика (ДЗС), бидејќи постојните податоци не се во отворен формат и може да се пребаруваат само на начин што го овозможува ДЗС.

Со data.gov.mk треба да се поврзе и Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), вели Бојаџиевска, за да се внесат податоците за животна средина и загадувањето, додавајќи дека треба уште доста податоци во наредниот период да се објават.

Отворените податоци од институциите во земјава се перцепираат дека се работа на МИОА, но Северна Македонија нема позитивни примери како во Велика Британија, каде самите функционери го преземаат приматот.

Бојаџиевска препорача дека во иднина треба да има поголема видливост и промоција на data.gov.mk, а институциите кои вршат наплаќање на податоците (особено Централниот регистар и Агенцијата за катастар), мора да ги објават своите трошковници однапред за да има транспарентни и еднакви услови за граѓаните и компаниите.

Тони Ангеловски, портпарол на МВР, рече дека нивната институција е специфична, бидејќи дневно процесуираат огромен број на соопштенија и податоци кои се од интерес за јавноста.

„Тоа бара кадровска екипираност и технички средства. Сите знаеме во каква состојба е државата, но тоа се работи кои може да се надминат ако има политичка волја. Ако имаат волја да се отвориме, тогаш ќе се направи. Највисокото раководство на Министерството е особено отворено на отвореност и транспарентност“, изјави портпаролот Ангеловски.

Тој спомена дека како институциите се соочуваат со недостаток на кадар и недоволна обученост. Ангеловски спомена дека МВР изработува извадоци од дневни настани два пати дневно или по потреба и повеќе пати во денот.

Ангеловски најави дека до крајот на јуни ќе има комплетно нов сајт на МВР што ќе биде многу попрегледен и достапен за граѓаните и посочи дека многу брзо ќе го промовираат.

На првиот ден од Меѓународната конференција за отворени податоци, во попладневните часови се одржа и посебна сесија за создавањето на култура за отворени податоци, на која говореа Бојана Бајиќ, раководителка на одделот за информатичка технологија на Министерството за финансии на Црна Гора, Андреја Глушчевиќ, координаторка за отворени податоци во Владата на Србија, Ариана Ѓули од Open Data Kosovo, Аранита Брахај, извршна директорка на Албанскиот институт за наука и Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...