Законот за дивоградби успеа два пати да дојде во Собрание, оние за управување со отпад чекаат половина година

Додека законот за легализација на дивоградбите успеа два пати во изминативе месеци да се најде на седница на Собранието на РСМ и Владата во последен момент го повлече на 29 мај, на власта и опозицијата во парламентот им треба повеќе од половина година за да го стават на дневен ред на собраниска седница сетот од шест закони за управување со отпадот, со кои се врши префрлање во македонското законодавство на регулативата на ЕУ.

Овие шест нови закони за управување со отпад со „ЕУ знаменце“ ќе се најдат пред пратениците на прво читање на 43. Седница на Собранието на РСМ, која е закажана за 8 јуни. Поставени се од 29 до 34 точка на дневниот ред. Владата на седницата одржана на 22 декември 2020 година ги утврди текстовите на новиот сет од шест закони, по што Министерството за животна средина и просторно планирање ја дополни и подготви потребната пропратна документација и на почетокот на годинава ги достави овие закони до Собранието.

„Сите овие предлози на закони се со ЕУ знаменце, но ќе одат во редовна постапка затоа што се комплетно нови законски решенија што треба детално да бидат разгледани од работните тела, собраниските комисии и пратениците. Нашите очекувања се овој сет на закони да биде усвоен до крајот на март“, рекоа за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање во јануари годинава.

Март одамна помина, а пратениците допрва ќе почнат да ги разгледуваат законите за управување со отпад во собраниска процедура, вклучувајќи ја комисиската расправа и евентуалните амандмани од пратениците. За коментар кога очекуваат конечно да се донесат овие закони од Собранието на РСМ, во понеделникот се обративме до Министерството за животна средина и просторно планирање, но до денес не добивме одговор на поставените прашања.

Донесувањето на шесте закони за управување со отпад се одложуваше поради блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција, кои поднесоа илјадници амандмани на некои од законите кои се наоѓаа во процедура пред овој сет на закони со „ЕУ знаменце“. Сепак, се покажа дека кога постои заеднички интерес на сите парламентарни партии, тогаш лесно може да поминат законите за кои постои „консензус“. Таков беше законот за легализација на дивоградбите, којшто беше изгласан во Собранието на 11 мај, со поддршка од пратеници и од власта и од опозицијата, по што претседателот Стево Пендаровски стави вето, а владата на крај го повлече спорниот закон.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека Европската Комисија во октомври лани во Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година упати јасни критики дека законите за управување со отпадот не се донесени, а процесот на воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад продолжува да се соочува со одложувања како резултат на недоволни административни и финансиски ресурси. Доколку продолжи да се одолговлекува усвојувањето на сетот од овие шест закони во Собранието, речиси е сигурно дека Европската Комисија ќе ги подготви идентичните забелешки за земјава и во 2021 година.

Кон средината на минатиот месец, со реакција се јавија и од Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанска комора, кои побараа што побрзо носење на сетот од шест закони за управување со отпад.  Тие потенцираа дека не носењето на овие закони ќе значи дека компаниите кои управуваат со отпад ќе бидат оценувани по стариот закон од пред 10 години, но и дека Правилникот од стариот закон, има важност до 2020 година и тековната година работата на компаниите кои управуваат со отпад, не е правно уредена.

Во собранискиот лавиринт веќе половина година се наоѓаат Законот за управување со отпад, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, како и Законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад.