Извор на фотографија: ЈКП Комуналец-Прилеп

Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанска комора бараат што побрзо носење на Законот за управување со отпад, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Зконот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори како и Законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад.

Претседателот на Асоцијацијата, Филип Ивановски смета дека со носењето на овие закони во чии што измени, компаниите активно учествувале и тесно соработувале со Министерство за животна средина и просторно планирање, ќе има реална и објективна основа за развој на селекцијата на отпад.

Но, како што вели, не носењето на овие закони исто така ќе значи дека компаниите кои управуваат со отпад ќе бидат оценувани по стариот закон од пред 10 години кога имало поинаков контекст на работењето.

„Стариот закон не коренсподира со реалноста и се базира на нереални цели за селекција. Ако компаниите се оценуваат по стариот закон, ќе се доведеме во ситуација да бидат казнети 1.500 компани кои плаќаат за собирање и управување со отпадот. Всушност, ќе се казнат тие што го почитуваат законот, наспроти компаниите кои пуштаат отпад а не плаќаат ништо,“ вели Ивановски.

Тој смета дека со носењето на новите закони индиректно ќе им се помогне на компаниите, бидејќи ќе бидат скратени неосновани и неоправдани финансиските реперкусии кои би се случиле, ако оценката се врши по стариот Закон.

Доколку не се донесат новите законски измени, Ивановски апелираше да се земат предвид полесните критериуми за оценување на компаниите кои важат во актуелниот закон. Исто така, тој потенцираше дека Правилникот од стариот закон, има важност до 2020 година и тековната година работата на компаниите кои управуваат со отпад, не е правно уредена.