Фото: Арбнора Мемети

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска информираше дека неговото министерство веќе изработило сетот на шест нови закони за управување со отпадот, со кои комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Предлог законите се веќе во владина постапка и во најкус можен рок ќе бидат испратени во Собранието, информираат од владата.

Суштинските придобивки, како што нагласи министерот Нуредини, од овој сет на шест закони се зајакнувањето на обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. Понатаму, со нив ќе се воведе хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.

Предложените законски решенија овозможуваат воведување на финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил.

„Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа“, информираше министерот Нуредини.

Тој дополни дека одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рециклажа е на производителот, а на граѓаните останува селекцијата на отпадот. Општините заедно со колективните постапувачи имаат јасни обврски за овозможување на оваа услуга на сите граѓани.

„Во делот на планските и стратешки политики, во првите сто дена, МЖСПП изработи Национален план за управување со отпад на Република Северна Македонија за периодот 2020-2030 и го заврши процесот на стратегиска оцена на животната средина на Планот“, информираше министерот Нуредини.