Фото: Архива на Мета.мк

Заштитата на животната средина во земјава страда од опозициската блокада на Собранието на РСМ. Иако беше предвидено да бидат донесени од пратениците до крајот на март, пакетот од шест закони за управување со отпадот не се знае кога ќе бидат усвоени од законодавниот дом. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека во моментов не е започната ниту собраниската расправа за овие закони, кои имаат „ЕУ знаменце“, но планирано е да се носат во редовна постапка во парламентот.

Од ова министерство се надеваат дека веќе во април ќе започнат да се разгледуваат овие закони во Собранието, надевајќи се дека ќе стартува непреченото функционирање на законодавниот дом. Министерството за животна средина и просторно планирање потсетува дека сè уште во собраниска процедура се наоѓаат и Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, Законот за животна средина и уште 6 други закони од областа на животната средина, со кои се врши, покрај другите измени, и зголемување на глобите за прекршоците од оваа природа, а не е завршена и процедурата за усвојување на измената на Законот за прекршоците со кои се овозможуваат повисоките глоби. И за овие закони од областа на животната средина, не може да се предвиди дали политичките партии ќе го блокираат нивното донесување и кога ќе завршат сите процедури.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот одржа средба со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, при што меѓу другото беше договорено ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира усвојувањето на законите од реформската агенда во врска со интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Токму со сетот од шест закони за управување со отпадот, се врши транспозиција (префрлање) на ЕУ регулативата во нашето законодавство. Сепак, на вакво решение треба да се согласат и пратениците од Алијансата на Албанците и Алтернатива, кои со илјадници амандмани го блокираа донесувањето на неколку важни закони во Собранието.

Доцнењето на усвојувањето на пакетот од шест закони за управување со отпадот речиси е сигурно дека нема да ни го прости Европската Комисија, која во Извештајот за напредокот на нашата земја во 2020 година јасно критикуваше за неусвоената законска регулатива во текот на минатата година, барајќи истата да се усвои час поскоро. Сепак, најбитниот факт е дека со недонесувањето на овие законски решенија страда заштитата на животната средина, односно се пропушта заострување на мерките со кои ќе се спречи загадувањето на просторот во кој живееме.

Пакетот од шест закони кои се заглавени во Собранието на РСМ ги вклучува: законот за управување со отпадот; законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад; законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема; предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите; предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување; како и предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.