Фото: Архива на Мета.мк

Владата на вчерашната седница ги утврди текстовите на предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, информираат од владината прес-служба.

Овој сет на шест нови закони вчера го најави и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, со кои комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот.

Суштинските придобивки од законските решенија, од кои некои од нив за прв пат се донесуваат во нашата земја, меѓу другото, треба да ги зајакнат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот. Се воведува и хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.

Со сетот на шест нови закони се воведува финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил. Воедно, предвидена е забрана за употребата на пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.

„Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани“, информираат од владата.

Инаку, Европската комисија (ЕК) во последниот извештај за напредокот на нашата земја кон ЕУ даде критики во однос на управувањето со отпадот, токму поради тоа што законите за управување со отпад сè уште не се донесени. Од ЕК забележаа дека процесот на воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад продолжува да се соочува со одложувања како резултат на недоволни административни и финансиски ресурси.

„Мета.мк“ веќе пишуваше опширна сторија за проблемот со воспоставувањето на регионален систем за управување со отпадот во земјава.