Загадувањето на воздухот ќе се мери на четири места околу депонијата со згура од Топилница

Фото: Мета.мк

Општина Велес ќе го контролира загадувањето околу депонијата со троска на некогашната Топилница, додека траат градежните работи за ископување и транспорт на минералната суровина. Емисиите на прашина ќе мора да се мерат на четири мерни точки, а загадувањето не смее да го надминува законски максималниот утврден лимит од 50 микрограми на кубен метар прашина.

Според условите кои општинските власти ги имаат пропишано во Б – интегрираната дозвола за инвеститорот, компанијата „Кепс Монт Груп“ мониторингот мора да го реализира вкупно 56 денови во годината, распределени во сите четири годишни времиња. Покрај тоа, инвеститорот е задолжен да обезбеди цистерни со вода и во текот на процесот на копање на троската да врши отпрашинување во околината, а дозволата содржи и обврски да ги заштити и почвата и подземните води.

„Животот и здравјето на граѓаните се најважни и заради тоа инсистиравме во Б- интегрираната дозвола да остане условот за мерење на емисиите во сите медиуми во животната средина. Дозволата е многу детално изработена и Општината водеше сметка сè да се предвиди и ништо да не не изненади“, вели Билјана Шуркова – Манаскова, инспектор за животна средина во Општина Велес.

Вредностите од мерењата ќе ги контролира општинскиот инспекторат, до каде инвеститорот треба редовно да ги доставува извештаите. Целта е да се види како влијаат ископите на квалитетот на воздухот во различни временски услови и различни делови од годината и каков е уделот на инсталацијата и активностите кои ќе се преземаат во следните години додека целосно не се транспортира троската, врз квалитетот на амбиентниот воздух со оглед на тоа дека Топилницата и депонијата се многу блиску до градот.

Билјана Шуркова-Манаскова

„Инвеститорот треба да ангажира акредитирана лабораторија која врши мониторинг на емисии во амбиентален воздух. Лабораторијата ќе ги одреди четирите точки околу црниот рид каде што ќе се мери прашината и со своја апаратура ќе ги врши мерењата во текот на целиот период додека траат работите на терен. Мерењата, според условите во дозволата, не се континуирани, едно мерење трае 24 часа и таквите активности треба периодично да се повторуваат“, вели Шуркова – Манаскова.

Досега во Велес, редовно, секојдневно мерење на емисиите на ПМ-10 во воздухот спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, но загадувањето на воздухот се мери само на една позиција во градот.

„Државниот автоматски мониторинг систем го покрива градот Велес со една автоматска мониторинг станица. Во наредниот период не е предвидено зголемување на бројот на мониторинг станици во овој град“, информираат од Министерството.

Сепак, заради тоа што постои опасност при ископувањето на троската, која содржи тешки метали, цинк, олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум да се предизвикаат сериозни загадувања на околината и за да се обезбеди заштита на здравјето на луѓето и околината, Општината, посочува Шуркова – Манаскова, во дозволата ги пропиша потребните услови за заштита на сите медиуми во животната средина и тие ќе важат во континуитет.

„Обврските мора да се почитуваат, а инспекторатот будно ќе следи, особено заради тоа што се работи за емисии за кои сите сме свесни дека не се безопасни. Опасноста од загадување е реална и заради тоа е потребен мониторингот. Ако во текот на процесот се утврди дека ископувањето има влијание врз луѓето или околината може да се предвидат и дополнителни мерки или пак ако причина се ветрови или други временски неприлики, да се почека да се подобрат метеоролошките услови“, вели Шуркова – Манаскова.