fbpx

Заев: Си помагаме кога е тешко, заедно сме и во добро и во лошо

-

Ние сме заедно и во добро и во лошо, оваа трагедија ќе има позитивно влијание врз односите на двете земји. Тука сме да си помогнеме кога е тешко, сите институции соработуваат, и тоа е пораката и кон двете земји и кон народите на двете земји. Тука сме и да си помогнеме кога е тешко.

Ова е одговорот на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев на прес-конференција со бугарскиот премиер Стефан Јанев, на прашање на новинарка на Бугарското национално радио дали трагедијата што се случи ноќеска на автопатот „Струма“ близу Перник, во која загинаа 46 лица, претежно државјани на Северна Македонија, ќе се одрази на односите меѓу двете земји.

Премиерот Зоран Заев изрази сочувство и до македонскиот и до бугарскиот народ и за трагичната автобуска несреќа, но и за вчерашниот пожар за дом за стари лица во Бугарија, во кој загинаа девет лица.

„Дозволете да изразам сочувство за загубата на двете земји, на двата народи. Бугарија загуби девет животи вчера во 18 часот со пожарот во старечкиот дом, Северна Македонија изгуби 46 животи, 11 деца а и другите се млади луѓе во една страотна трагедија што се случи со македонскиот автобус кој се враќал од Истанбул преку Софија кон Благоевград. Сакам да го споделам моето искрено сочувство и сочувството на македонскиот народ кон бугарскиот народ за загубата, како што ги примивме и изразите на сочувство на бугарскито народ кон нас“, рече Заев на прес-конференцијата.

Тој не сакаше да зборува за причините за несреќата, и рече дека за тоа треба да се почекаат сознанијата на експертите и професионалците. Македонскиот премиер рече дека бил информиран за трагедијата многу кратко по нејзиното случување, по што заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче.

„Бев информиран 10 минути, пет минути по несреќата од премиерот Стефан Јанев, се јави и претседателот Радев веднаш да не информираат и ние со министерот за надворешни работи, со министерот за здравство дојдовме овде за да можеме да ги видиме луѓето кои успеаја да останат живи во болницата, а секако и да се видиме со раководството на Бугарија за да можеме да ги дознаеме и деталите и сите можни наоди. Соработката е на високо ниво помеѓу претседателите, премиерите, министрите за внатрешни работи. Дури и обвинителите се координирани. Довербата меѓу сите институции едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе им ги дадеме сите неопходни информации од истрагата, што се причините за да се случи и како се случила несреќата“, рече Заев.

Тој рече дека може да се очекува седумте повредени што се сместени во „Пирогов“ во Софија наскоро да бидат транспортирани во болници во Скопје или на домашно лекување.

Заев и Јанев на прес-конференцијата рекоа дека и двете земји ќе прогласат денови на жалост.

„Денеска е посебен ден одбележан со две трагедии. Трагедиите се заеднички и се она што не допира, што не прави луѓе и сочуствителни, без разлика каква е националноста на загинатите. Единственото што можеме да го направиме е да ги изразиме нашето сочувство“, рече Јанев.

Инаку, бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочуство за трагедијата во негово име и во име на бугарскиот народ во телеграма до неговиот македонски колега Стево Пендаровски.

„Во овој тежок момент Бугарија и Северна Македонија споделуваат заедничка мака, солидарност и сочувство. Десетиците животи што беа загубени се непрежална загуба за нашите братски земји“, порача Радев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...