fbpx

За ЗНМ предлогот на СДСМ за измени на Законот за медиуми е неприфатлив

-

За Здружението на новинари (ЗНМ) неприфатлив е предлогот на СДСМ за измени и за дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се предлага укинување на радиодифузната такса, а МРТ да се финансира од буџетот.

– За нас овој предлог на СДСМ е апсолутно неприфатлив од неколку причини. Прво, тој е поднесен во погрешно време. Сметката на МРТ е блокирана и Владата, преку УЈП, го уценува јавниот сервис. Наместо измени на начинот на финансирање на МРТ, партиите треба да ѝ предложат на Владата да ги прости сите долгови на јавниот сервис. Тие долгови не се настанати по вина на Македонската радио-телевизија, туку поради неможноста или немањето желба на Управата за јавни приходи да ја собере радиодифузната такса – изјави Насер Селани, претседател на ЗНМ, на денешната прес-конференција.

Според Селамни, за нив е неприфатливо да се напушта досегашниот формат на преговорите меѓу партиите за медиумските реформи, каде одлуките за сите точки од договорот се донесуваа со консензус.

– Која е гаранцијата дека овој предлог во ваква форма ќе биде изгласан во Собрание, освен ако политичките партии од власта и од опозицијата немаат таен договор за префрлување на преговорите за медиумите од Клубот на пратеници во Собранието. Со ваквиот предлог се напушта Договорот од Пржино, кој предвидува потписниците да донесуваат решенија со консензус. Парцијалниот предлог на СДСМ е во спротивност со предлогот на европскиот посредник Питер Ванхауте и со тоа е на добар пат да ја прокоцка оваа неповторлива можност за да се направат сериозни реформи во медиумите. Со тоа и медиумите и новинарите ќе бидат пренесени жедни преку вода – изјави Селмани.

Во предлогот на Ванхауте, тврди Селмани, освен за финансирање на МРТ, има и решенија за деполитизацијата на раководните органи на МРТ и на Агенцијата за медиуми, забрана за владини реклами, укинување на непотребните обврски кон националните приватни телевизии, намалувење на казните за медиумите и зголемување на транспаретноста на институциите.

– Со напуштањето на предлогот на посредникот, кој СДСМ досега декларативно го поддржуваше, ќе влеземе во сценариото на власта да се глуми лажен активизам во Собранието за наводни реформи во медиумите. Во суштина, измените во медиумските закони би биле само козметички, а тие нема да донесат никакви позитивни промени во медиумите, туку напротив, ќе ѝ помогнат на власта да ја зајакне контролата и врз нив и врз медиумскиот регулатор. Ваквиот предлог на СДСМ не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на јавниот радиодифузен сервис. Се менува само начинот на финансирање, без реално да се зголемат приходите на МРТ. Според проценките, 0,5 отсто од државниот буџет се околу 15 милиони евра. Толку пари, според официјални информации од Владата, МРТ имаше и во 2014 година и тоа не беше гаранција јавниот сервис непречено да работи – рече Селмани.

Предлогот на ЗНМ уште од 2012 година, кој беше поддржан и од европскиот посредник, е еден отсто од буџетот или околу 30 милиони евра да се одвојат за финансирање на јавниот сервис.

– Само тогаш јавниот сервис ќе биде независен јавен сервис, кој ќе служи на интересите на граѓаните и нема да биде инструмент во рацете на политичките партии. Ги повикуваме партиите искрено да се заложат за вистински реформи во медиумите, а не да го користат ова прашање за лов на гласови за изборите во јуни. Партиите може да ги изневерат новинарите и медиумите и да ја манипулираат јавноста, но тоа со ништо нема да ја подобри сликата во светот за Македонија, како земја каде масовно се кршат медиумските слободи, исто како во африканските земји каде на власт се авторитарни режими. Со ваквата манипулација со сигурност нема да ја сменат ниту оцената на Европската комисија, која годинава забележа назадување во поглед на слободата на изразувањето и на слободата на медиумите – заклучи Селмани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...