За МОН прифатлив е компромисот за државната матура

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Прифатливо е компромисното решение за начинот на полагање на државната матура коешто го прифати и Сојузот на средношколци, соопшти Министерството за образование и наука. Оттаму уверуваат дека предложениот модел е во интерес на сите матуранти, пришто ниту еден од нив нема да биде оштетен, а државата го задржува стандардот од два екстерни и два интерни испити.

„Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура и матурантите ќе бидат навремено информирани за направените промени, со цел успешно да се подготват за престојното полагање на испитите“ велат од МОН.

Од министерството потсетуваат дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година.

Денеска Сојузот на средношколци информираше дека го прифати решението за државната матура за кое разговараa на средбата со премиерот Зоран Заев, пратеничката Зајкова и советникот на премиерот Тасев, а кое подразбира да се полагаат два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.

Но, како што велат од Сојузот, тие до Владата ќе испратат уште три услови за прифаќање на овој предлог.