fbpx

За 71 отсто зголемен бројот на заразени со сифилис, заушки, салмонела, маларија…

Лани во Македонија биле пријавени вкупно 12.958 заболени од акутни заразни заболувања, а претходната година, оваа бројка била 7.567. Ова претставува зголемување за 71,2 отсто, наведено е во последниот извештај за акутните заразни заболувања кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)

-

Лани во Македонија биле пријавени вкупно 12.958 заболени од акутни заразни заболувања, а претходната година, оваа бројка била 7.567. Ова претставува зголемување за 71,2 отсто, наведено е во последниот извештај за акутните заразни заболувања кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

За една третина, во период од една година, пораснал и бројот на регистрирани случаи на сексуално преносливи инфекции.

„Од сексуално преносливите инфекции, лани пријавени се 60 случаи на сифилис. Во периодот 2014-2023 година, до 2021 година се регистрираат поединечни случаи (вкупно 30). Се регистрира зголемување од 2,7 пати во однос на претходната, 2022 година. Освен тоа, лани имало и 8 случаи на гонореја. Вкупниот број на заболени, заедно со случаите на ХИВ/СИДА изнесува 209 случаи. Се регистрира зголемување од 30,6 отсто во однос на претходната година“, наведено е во документот.

Епидемиолозите во извештајот се осврнале и на климатските промени и нивното влијание врз дистрибуцијата на заразните болести.

„Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни кај нас – лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија, а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата. Некои од нив се регистрираат во ендемска форма, но не ретко се појавуваат и во епидемиска форма“, пишува во извештајот.

Мета.мк минатата година објави интервју со д-р Драган Кочински од Институтот за јавно здравје, кој предупреди дека вектор-преносливите заболувања претставуваат голема закана за здравјето на луѓето ширум светот.

„Тие се предизвикани од паразити, вируси и бактерии пренесени од комарци, песочни муви, бубачки, црни муви, крлежи, полжави и вошки. Најзастапени вектор-преносливи заболувања кај луѓето се маларија, денга, лимфатична филаријаза, шистозомијаза, чикунгуња, онхоцеркијаза, Шагасова болест, лајшманиоза, зика вирусна инфекција, жолта треска и јапонски енцефалитис“, кажа тој во интервјуто.

Во извештајот за акутните заразни заболувања, во однос на морталитетот од истите, пишува дека лани биле регистрирани 9 смртни случаи асоцирани со акутно заразно заболување, односно 4 лица починале со бактериски менингит, 2 лица со вирусен хепатит Б, и по едно лице со листериоза, хеморагична треска со бубрежен синдром и Конго-кримска хеморагична треска.

Во документот се наведени препораки и мерки кои треба да се преземат, за да се зголеми заштитата од акутни заразни заболувања.

„Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ препорачува забрзување на постапката за измени на Законот за заштита на населението од заразни болести. Со овие измени ќе се стават во функција електронскиот систем за надзор над заразните болести со вклучена класификација на болестите согласно дефиниција на случај, ќе се хармонизира листата на заразни болести под надзор со листата на ЕУ, ќе се стави во функција електронскиот АЛЕРТ 2 систем, како и ќе се прилагоди листата на патогени под надзор со листата на ЕУ. Потребно е адаптирање на Правилникот за пријавување, согласно законските измени“, пишува во документот.

Освен тоа, според епидемиолозите потребно е изготвување на програма за зоонози и вектор-преносливи заболувања со мултисекторксиот пристап „Едно здравје” со вклучување на сите релевантни чинители за превенција и контрола на овие заболувања.

„Потребно е подобрување на состојбата со задолжителната имунизација и намалување на бројот на заболени од вакцино-превентабилни болести. Порастот на бројот на невакцинирани деца (пад на опфат со задолжителна имунизација), антивакциналните кампањи, но и колебливоста на родителите во однос на имунизацијата доведуваат до повторна појава на вакцино-превентабилни заболувања во Македонија“, пишува во извештајот.

Во оваа насока, епидемиолозите предупредуваат дека се потребни и активности за промоција на вакцинацијата и бенефитот од вакцинацијата помеѓу населението, но и здраствените работници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, соопштија од претседателскиот кабинет. На средбата било констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани...