(ГАЛЕРИЈА) „Стив Наумов“ е како џунгла, домот го губи некогашниот сјај

Ако ви недостига зеленило во бетонизираното Скопје, појдете во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда, каде ќе се почувствувате како во „џунгла“. Неуредениот двор, во комбинација со прилично лошите услови за сместување во дел од собите во зградата, даваат негативна слика за овој студентски дом

фото: Мета.мк (мај 2024)

Џбунови, трње и обрасната трева, на места висока и до еден метар, го грди комплексот на студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската општина Гази Баба. Некогаш добро одржуваната и живописна студентска резиденција, пролетва наликува на запоставена и заборавена градба, со околина погодна за снимање на авантуристички филм налик на „Џуманџи“.

Неодамнешната „посета“ на змија на студентската менза во домот беше повод новинарска екипа на Мета.мк да ја посети локацијата за да види дали и колку теренот е „привлечен“ за влечугите кои живеат на територијата на парк-шумата Гази Баба, што се наоѓа непосредно над бараките кои се дел од „Стив Наумов“.

Влегувањето на змијата во студентската менза, и покрај безопасноста, ги вознемири студентите и дел од вработените во домот, но и ја актуализираше загриженоста за моменталната состојба на одржување на овој студентски дом.

Бараките на „Стив Наумов“ кои се наоѓаат непосредно под парк-шумата Гази Баба фото: Мета.мк (мај 2024)

Тревата околу домот е обрасната и неуредна, со густи грмушки кои се вистински рај за штетници, глодари и рептили. Со други зборови, ако од паркот се симнете кон студентскиот дом, нема да добиете впечаток дека сте ја напуштиле шумата.

Уште при влезот во „Стив Наумов“ од улицата „Архимедова“ и приближувањето кон бараките, наидувате на неуреден терен.

Иако змијата во мензата се појави во понеделникот, тревата кај „стивските“ бараки кои се најблиску до природното живеалиште на влечугите, до денеска не беше искосена. Утрово, додека бевме во обиколка, забележавме луѓе кои ја косат.

Тревата кај бараките утрово почна да се коси / фото: Мета.мк (мај 2024)

Од спротивната страна на бараките, пак, ќе ве пречека најлошото – најразлична флора која достигнува висина и до еден метар.

Кога ќе се спуштите надолу, ќе забележите дека теренот непосредно пред студентската менза е среден, а според искосената трева оставена на самото место, може да се заклучи дека се чекало прилично долго и за овој дел да биде искосен.

Влезот пред мензата во домот / фото: Мета.мк (мај 2024)

Од спротивната страна на мензата, односно од другата страна на уличката, повторно ќе видите терен на кој не би стапнале со нога – и тука е преполно со високи грмушки и најразлични видови „дива“ трева, секако, несредена.

Од трите згради, во моментов во студентскиот дом „Стив Наумов“ функционира само една – „третата“. Зградата пред теренот се одржува, но и тука во скоро време ќе треба повторно да се помине со коса.

Останатите две згради се оставени да гнијат – и двете се обраснати со зеленило од сите страни, а пристапот до летниковците кои некогаш ечеа од студентски песни и дружби, сега е практично оневозможен поради џбуновите.

Овие две згради е предвидено да се реновираат и за некоја година повторно да „вдомат“ студенти, но утрово не забележавме какви било работни активности околу нив.

Во изјава за Мета.мк, директорот на Државниот студентски дом – Скопје, под чија капа е и „Стив Наумов“, во понеделникот рече дека поради зголемениот обем на работа, за косење на теренот побарале помош и од Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“.

„Побаравме помош од ЈКП ‘Гази Баба’, работиме секој ден. Врне, грее сонце и тревата си расте. Капацитетите на домот се тие“, рече директорот Виктор Велевски во понеделникот.

Тој додаде дека е потребно општината да се грижи и за теренот околу студентскиот дом „Стив Наумов“, затоа што е загрозена безбедноста на сите граѓани на општината, а не само на студентите кои се сместени во домот.

За подобрено одржување и редовно уредување на „Стив Наумов“ очигледно ќе се почека. Но, истото е неопходно со оглед на теренот и зеленилото во кои се наоѓа домот и е од суштинско значење за враќање на „животот“ во комплексот со цел „Стив“ повторно да стане безбедна и пријатна средина за сите жители.