Глобалното затоплување може да ни донесе маларија, зика, лајмска болест и други заразни заболувања

Фото: Мета.мк

Новите енергетски трендови, како и сé позагрижувачката состојба со климатските промени, односно глобалното затоплување, доведуваат до можност за интензивно распространување на заразни заболувања во географски предели каде досега не биле регистрирани. На ова предупредува асс. д-р Драган Кочински, специјалист епидемиолог во Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институт за јавно здравје. Вектор-преносливите заболувања претставуваат голема закана за здравјето на луѓето ширум светот. За тоа, колку случаи се регистрираат кај нас, за превенцијата, но и за симптомите на овие болести, во ова интервју зборуваме токму со асс. д-р Кочински.

Во колкава мера се оправдани очекувањата дека на европскиот континент, има изгледи дека на голема врата ќе ни се вратат овие болести?

Вектор-преносливите заболувања претставуваат голема закана за здравјето на луѓето ширум светот. Тие се предизвикани од паразити, вируси и бактерии пренесени од комарци, песочни муви, бубачки, црни муви, крлежи, полжави и вошки. Најзастапени вектор-преносливи заболувања кај луѓето се маларија, денга, лимфатична филаријаза, шистозомијаза, чикунгуња, онхоцеркијаза, Шагасова болест, лајшманиоза, зика вирусна инфекција, жолта треска и јапонски енцефалитис. Други вектор-преносливи заболувања, како што се африканска трипаносомијаза, Лајмска болест, енцефалитис што се пренесува преку крлежи и Западно Нилска треска, се од локално значење во специфични области или популации.

Драган Кочински | Фото: Лична архива

Главните болести кои се пренесуваат преку вектори заедно сочинуваат околу 17 отсто од проценетиот глобален товар од заразни заболувања, а се регистрираат и повеќе од 700.000 смртни случаи како резултат на овие болести секоја година. Товарот е највисок во тропските и суптропските области. Повеќе од 80 отсто од светското население живее во подрачја со ризик од најмалку една голема вектор-пренослива болест, при што повеќе од половина се изложени на ризик од две или повеќе. Ризикот од инфекција кај одредени вирусни патогени микроорганизми е особено висок во градовите каде што се размножуваат Aedes и Culex комарците поради поволните живеалишта и блискиот контакт со луѓето. Стапките на морбидитет и морталитет често се непропорционално високи кај посиромашните популации. Вектор-преносливите заболувања претставуваат огромна закана за економиите и го ограничуваат руралниот и урбаниот развој.

Светските економски превирања, новите енергетски трендови како и сé позагрижувачката состојба со климатските промени – глобалното затоплување, доведуваат до можност за интензивно распространување на векторите на заразни заболувања во географски предели каде до сега не биле регистрирани, но и до поместување на сезоноста и појавување во поголем дел од годината. Сето тоа е удар врз човековото здравје, со повторно враќање на веќе ерадицирани, елиминирани/искоренети заразни заболувања (тропски и суптропски). Мерките за интервенција во екологијата и дистрибуцијата на истите имаат за цел превенција од пренесување на заразни болести преку вектори, но и подобрување на квалитетот на живеење (боцкаат, зујат, вознемируваат, досадуваат).

Каква е ситуацијата во Европа, дали на европскиот континент расте бројот на случаи и дали здравствените експерти предупредуваат за ова? 

Климатските услови (температура, влажност и врнежи) ја ограничуваат географската и сезонската дистрибуција на заразните болести, а климата влијае на времето и интензитетот на појавата на болеста. Вектори кои носат болести од особено значење за Европа се комарците Aedes albopictus (вектор за чикунгуња, денга и дирофиларијаза), комарци Aedes aegypti (вектор за чикунгуња, денга, жолта треска и зика), комарци Culex (вектор за западна треска), флеботомус песочни мушички (вектор за лајшманиоза) и крлежи Ixodes ricinus (вектор за Лајм борелиоза и енцефалитис што се пренесува преку крлежи). Покрај климатските фактори, на регионалните ризици од болести влијаат и фактори како што се користењето на земјиштето, контролата на векторите, човечкото однесување, глобалната трговија и патувања, како и капацитетите за јавно здравје.

Потоплите температури им овозможија на многу носители на болести да ја прошират својата дистрибуција кон север и на повисоки надморски височини во Европа. Автохтони епидемии (не се импортирани) на денга, чикунгуња, западнонилска треска, па дури и маларија се појавија во јужна и југоисточна Европа во последниве години (најчесто од 2010 година). Подобрената климатска соодветност за векторите на болеста придонесе за овие епидемии.

Локално пренесените случаи на денга во континентална Европа каде што е присутен A. albopictus продолжуваат да се јавуваат со поголема фреквенција. До 2010 година, Европа беше ослободена од автохтоно пренесување на денга од епидемијата во 1927/28 година во Грција. Првите извештаи за локално заразени случаи на денга во последно време се случија во Хрватска и Франција во 2010 година. Оттогаш, спорадични епидемии се случија во 2013, 2014, 2015, 2018, 2019 и 2020 година во Франција, Шпанија и Италија – климатските промени во јужна Европа ја подобрија климатската соодветност за A.albopictus. Растечки трендови може да се забележат за сите земји на ЕУ.

Енцефалитисот што го пренесува крлеж и Лајм борелиоза (Лајмска болест) се двете најважни болести кои се пренесуваат преку крлежи во Европа, и двете се пренесуваат првенствено преку Ixodes ricinus. Неколку европски земји објавија дека Ixodes ricinus мигрирале на север и на повисоки надморски височини. Лајм борелиоза има пријавена инциденца од приближно 65 000 случаи годишно во ЕУ годишно. Просечното годишно известување се зголеми за приближно 400% во европските ендемични области во текот на изминатите 30 години, иако тоа е речиси сигурно резултат на поцврсти методи за откривање и дијагноза. Високата инциденца на двете болести е во корелација со благи зими и топли, влажни лета.

Кои од вектор преносливите заболувања се регистрираат во земјите во регионот како Грција, Србија, Бугарија? 

Во нашето соседство (Грција, Србија, Бугарија) се регистрираат голем број на случаи на западно-нилска треска секоја година, а во Грција (дури и во регионите кои граничат со Северна Македонија), повторно се регистрираат автохтони случаи на маларија. Затоплувањето се предвидува да ја прошири областа погодна за пренос на болести пренесени од вектор во Европа, главно на север. Деталните анализи за инфекции со вирусот на Западен Нил, денга и чикунгуња сугерираат дека проширувањето би се случило главно на рабовите на сегашните региони каде се пренесува. Меѓутоа, според сценариото за високи емисии во текот на 21 век, голем дел од јужна Европа ризикува да биде нападнат од Aedes aegypti, комарци кои пренесуваат денга.

Каква е ситуацијата кај нас? 

Во Република Северна Македонија, согласно законската регулатива (Закон за заштита на населението од заразни болести) на задолжително пријавување подлежат и вектор-преносливите заболувања (болести кои се пренесуваат исклучиво преку вектори или и по други патишта): маларија, лајмска болест, лајшманиоза, туларемија, жолта треска, дамчест тифус, хеморагични трески, чума, денга, а во склопот на вирусни енцефалити и Западно-нилската треска. Овие болести кај нас се регистрираат секоја година, со поединечни случаи или во епидемиска форма.

Дали постои вакцина за овие болести? 

Од болестите кои се пријавуваат и регистираат во Северна Македонија, само за жолта треска постои високо ефикасна, ефтина вакцина која обезбедува имунитет кај 95 отсто од вакцинираните. Рутински се користи во мал број земји. Препорачана е кај луѓе кои патуваат во земји каде оваа болест постои и каде се бара сертификат за вакцинација на лица кои доаѓаат од вакви подрачја.

Што може да се преземе за да се спречи развојот и ширењето на вектор-преносливите заболувања? 

Епидемискиот потенцијал на различни вектори е условен од нивната масовност (бројност на популација) која овозможува загрозување на здравјето на луѓето за кратко време, но исто така дава можност да со ефикасно уништување на векторите, брзо се прекине пренесувањето на заболувањето. Сето ова е со привремен ефект и затоа се потребни повторувани активности за уништување на векторите.

Во врска со спречувањето и сузбивањето на вектор-преносливите заболувања, потребна е континуирана информативна и здравствено-воспитна едукативна активност насочена кон целото население, а посебно на населението под ризик. Подигнувањето на свеста се врши на национално ниво преку медиумски кампањи и на локално ниво преку посебно изработени брошури и флаери, како и периодични предавања за населението.

Кои мерки населението треба да знае да ги преземе како превенција од вектор-преносливите заболувања? 

Потребна е елиминација на гнездата за размножување. Да не се оставаат отворени буриња, канти, контејнери, пловни објекти и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница, а олуците редовно да се чистат за да се овозможи на водата да истекува. Потоа, треба да се обезбеди заштита од каснување – носење на соодветна облека со ракави и примена на репелентни средства во облик на лосион, аеросол спреј или крем на кожата за да ги одвратат комарците и да се избегне нивното „хранење со крв” (крвта од организмот служи за развој и исхрана на новите ларви на комарците). Треба да се користат миризливи свеќи како репелентни средства во надворешни услови (градина, двор). Овие производи се користат само во услов кога има минимални движења на воздухот. Да се инсталираат заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот. Да се постават куќички за птиците во дворовите или парковите (птиците се еден вид природни предатори на комарците). Намалувањето на популацијата на комарците е помалку ефикасно, бидејќи комарците се најактивни во вечерните часови кога птиците се помалку активни. Треба да се елиминираат гнездата за размножување на локално (општинско) земјиште – да се отстранат застојните води, бари, отворени и запуштени канали, диви депонии и места каде се собира атмосферската вода, бидејќи можат да послужат како потенцијални жаришта. Ова е поефикасно и помалку штетно отколку запрашувањето со пестициди – инсектициди.

Населението треба да биде редовно да се информира од надлежните институции или  од матичниот лекар пред патување за можноста на појава на некои од овие болести во земјата на патување и да добијат препораки за начинот на заштита со цел заштита на здравјето, превенција на појава на болести и намалување на можноста за импортирање. Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје подготвуваат флаери, брошури и информации за населението и редовно ги ажурираат веб страните. Центрите за јавно здравје ги дистрибуираат изготвените материјали до патниците,
туристички агенции и други установи со цел запознавање со состојбата и начините за превенција.

Колку случаи има во Македонија на годишно ниво и дали завршуваат фатално?

Ако зборуваме за маларија, за периодот од 2012-2021 година, пријавени се вкупно 36 случаи. Во овој десетгодишен период, регистрирани се 4 смртни случаи. Во 1973 година, Северна Македонија беше сертифицирана од СЗО како земја без маларија, а сите регистрирани заболени се импортирани случаи (лица кои патувале во предели во светот каде маларијата е ендемска болест). За лајшманиоза, во периодот од 2012-2021 година, регистрирани се вкупно 85 заболени и 2 смртни случаи. Најголем број заболени во овој период се пријавени во 2013 година (n=20). За лајмска болест во периодот од 2012-2021 година, заболувањето се регистрира спорадично, до 2008 нема случаи, а потоа регистрирани се вкупно 59 заболени лица. Од конго-кримска хеморагична треска во десетгодишниот период, пријавен е само еден случај во 2009 година.

Туларемија, во периодот од 1990 па досега, случаи на туларемија се јавуваат во нееднакви временски интервали, најчесто во епидемиска форма, иако во последните години се регистрирани и спорадични случаи. Во периодот 2012-2021, пријавена е една епидемија на туларемија, во 2015 година, со најголем број на случаи регистриран во епидемија на туларемија досега – 37. Западно-нилска треска е заболување кое кај нас за прв пат е пријавено во 2011 година. Оттогаш, пријавени се вкупно 31 заболени лица и 4 смртни исходи. Во Македонија нема пријавени случаи на жолта треска, енцефалитис предизвикан од крлежи, денга, Зика вирусна болест и Чикунгуња.

Како да препознаеме симптоми на маларија?

Симптомите на маларија вклучуваат треска и слични симптоми на грип – температура, главоболка, болки во мускули, коски, зглобови. Заболувањето може да биде проследено и со: aнемија, жолтица, тешки форми со грчеви, конфузија, оштетување на бубрези, кома, смрт (деца). Во однос на западно-нилската треска, најголем процент од инфекциите кај човекот се без симптоми (80 отсто). Најголем процент од клиничките се манифестираат како благи форми, со симптоми слични на грип (температура, главоболки, мускулно-зглобни болки). Слабост, малаксаност, зголемени лимфни жлезди, гадење, повраќање, можен исип по телото се јавуваат дополнително. Најчесто, некомплицираните инфекции поминуваат за 3-6 дена. Кај оние со тешки, невроинвазивни форми на болеста во 1 отсто (најчести кај постари лица) се јавуваат знаци на енцефалитис, менинго-енцефалитис или менингитис – вкочанет врат, дезориентација, тремор, конвулзии, тешка мускулна слабост, флакцидни парализи и кома. Може да се јави и пореметување на рамнотежата, оштетување на кранијални нерви, болки во очите, но и појава на миокардитис, панкреатитис, фулминантни форми на хепатити.

Со каква терапија се третира болеста?

Во однос на маларијата, постои специфична терапија – антималарични средства кои се аплицираат на заболените во болнички услови. Во однос на другите вирусни вектор-преносливи, не постои специфична терапија, но соодветната интензивна медицинска нега на заболените дава можност за поголемо преживување на заболени со тешки форми.