fbpx

Вулин го велича Милошевиќ, Вучиќ и Харадинај се препукуваат кој кого ќе бомбардира, Косово бара членство во ЕУ и НАТО

-

Руската агресија на Украина ги отвори старите балкански рани. За разлика од протестите за поддршка на Украина кои се организираа во Приштина, во српската престолнина се организираа протести за поддршка на Русија. Таков протест неодамна организираа и локалните Срби од северот на Косово.

Тие на „руските браќа“ им пренесоа порака за поддршка на рускиот народ и рекоа дека косовските Срби го сакаат својот брат и секогаш ќе бидат сплотени.

Српскиот министер за внатрешни работи и водач на Социјалистичкото движење Александар Вулин кој беше портпарол на југословенската левица (ЈУЛ) за време на режимот на Слободан Милошевиќ денес се наврати на старата реторика.

Министерот Вулин во придружба на подмладокот на неговата партија му се поклони на гробот на воениот злосторник Слободан Милошевиќ, кој пред Хашкиот трибунал беше обвинет за воени злосторства на Косово и за геноцид во Босна и Херцеговина. Настанот се одржа по повод 15-годишнината од смртта на Милошевиќ.

„Слободан Милошевиќ заслужи почит за неговата војна, тој не заслужи да биде продаден и на крајот да умре во Хаг“, рече Вулин.

Гардијан објави опширна анализа во која предупредува дека Русија би можела да почне да ја шири конфронтацијата со Западот со притисок врз Србија, со поткопување на независноста на државите од Западен Балкан.

Балканските аналитичари, исто така, секојдневно анализираат дали повторно би можел да се разгори конфилкт во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.

Поранешниот косовски премиер и лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај гостувајќи на едно такво интервју на ТВ Дукаѓини изјави дека и покрај напнатата ситуација во светот по руската агресија на Украина, на Косово не му се заканува сериозна опасност од дестабилизација.

„Русија има влијание во одредени делови на Балканот, но не е воопшто присутна во Косово”, рече опозиционерот Харадинај.

Според него, Србија не би се осмелила да ја искористи моменталната криза предизвикана од руската интервенција во Украина за некакво дејствие во северно Косово, затоа што, како што рече, „цел свет ќе знае дека Вучиќ работи за сметка на Русија”.

„Знам дека Американците нема да дозволат ниту еден српски војник да стапне на косовска територија. Знам дека ќе се бомбардира Белград доколку се случи такво нешто, исто како во 1999 година. Ова го знае многу добро српското раководство. Еден српски офицер ако премине на територијата на Косово, ќе се бомбардира Белград, не некоја друга територија“, изјави Харадинај.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во четвртокот реагираше на изјавите на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај нарекувајќи ги бесмислици.

„Дали тој или некој друг ќе не бомбардира?“, праша Вучиќ.

„Србија ќе го задржи мирот и стабилноста, тоа е најважно за нас. Нашата сила е и нашата армија и ќе биде сè посилна и посилна“, истакна Вучиќ, пренесе Б92.

Во меѓувреме косовската Влада одлучи да формира меѓуинституционална работна група за членство на Косово во НАТО и ЕУ.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера изјави дека главна цел на оваа група ќе биде подобрување на процесот на интеграција во НАТО, зајакнување на присуството на Косово во регионалните организации и механизми, меѓународната безбедност, како и соработката со стратешките меѓународни сојузници, пишува Радио Слободна Европа.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала оцени дека членството на Косово во НАТО е итно прашање поради руската воена инвазија на Украина.

Со меѓуинституционалната работна група за членство на Косово во НАТО ќе претседава министерот за надворешни работи, а членови ќе бидат министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи и министерот за правда. Во работната група ќе има и претставници од Претседателството, Кабинетот на премиерот, Амбасадата на Косово во Брисел и Косовската амбасада во САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...