Случајот „Јавна соба“ решен со затворски казни од 4 години за обвинетите

Фото: Принтскрин социјални мрежи

Основниот кривичен суд Скопје денес изрече две затворски казни од 4 години за главните обвинети за случајот „Јавна соба“.

Основачот на групата, Дарко Костовски и модераторот Михаил Паневски одговараа за кривично дело за злоупотреба на фотографии од голи жени и девојки како и лични податоци (име, презиме, телефонски број, адреса на живеење) и нивно дистрибуирање во групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, по што покрај досегашниот 13 месечен домашен притвор според одлуката на судот ќе се соочат со 4 години затвор.

Во обвинението е наведено дека двајцата виновни во периодот од 19.12.2019 до 28.01.2020 година биле одговорни за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата и со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина од аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.

Судот одлучи мерката куќен притвор против обвинетите Костовски и Паневски да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, но не подолго од изречената казна затвор, заради тоа што сè уште смета дека постои опасност од бегство на обвинетите.

Постапката за расчистување на овој случај кој на јавноста ѝ е познат повеќе од 2 години беше започната по бројните реакции на невладините организации и граѓани кои постојано споделуваа информации за вознемирувачки искуства како резултат на активноста на оваа група на социјалната мрежа Телеграм.

Групата „Јавна соба“ моментално не е во функција. Кон крајот на минатата година се појавија обиди за нејзино активирање по трет пат кога истата за еден ден собра повеќе од 200 членови а беа споделени 61 фотографии и 14 видеа, злоупотреби на туѓа сопственост. Полицијата навремено реагираше по што групата и содржините во неа беа блокирани за членовите.

За случајот „Јавна соба 2“ е покрената постапка при што тој се наоѓа во предистражна фаза.