fbpx

Вооружена група го нападна рускиот пограничен регион Белгород, Украина отфрла одговорност

Растечкиот хаос во регионот на Белгород, каде локалните власти објавија „контратерористички режим“ вчеравечер, беше редок случај кога руски села се соочија со конфликтот што нивната земја го започна низ Украина

-

Вооружена група преминала од Украина во рускиот регион Белгород, каде во судири биле повредени голем број луѓе. „Легијата на слободата на Русија“, која себеси се опишува како милиција против Кремљ, вели дека сака да ја ослободи Русија од Владимир Путин.

Борби избувнаа долж руско-украинската граница, откако самонаречените руски партизански сили тврдат дека за првпат во војната презеле погранично село во Русија, пренесува „Гардијан“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека претседателот Владимир Путин бил информиран и дека се работи на протерување на „саботерите“.

Легијата на слободата на Русија соопшти дека ја преминале границата и ја преземале населбата Козинка, додека испраќале единици и во градот Грејворон во регионот Белгород.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм ги повика жителите на Грејворон да не се враќаат во своите домови. Тој напиша дека досега нема цивилни жртви.

Друга милиција против Кремљ – Рускиот волонтерски корпус – предводен од истакнат руски националист, исто така рече дека учествувала во рацијата, јавува „Гардијан“.

Растечкиот хаос во регионот на Белгород, каде локалните власти објавија „контратерористички режим“ вчеравечер, беше редок случај кога руски села се соочија со конфликтот што нивната земја го започна низ Украина.

И Русија и украинските власти потврдија дека има борби на границата.

Украина ја отфрла одговорноста и рече дека руски државјани од две паравоени групи стојат зад упадот, пренесува Би-би-си.

Според изјавите на Песков за руските новински агенции, целта на саботажата е да се сврти вниманието од градот Бахмут во источна Украина, за кој руската платеничка група Вагнер тврди дека ја презела контролата по месеци интензивни и крвави борби.

Советникот на министерот за одбрана на Украина, Јурик Сак, за Би-би-си Радио 4 рече оти го поздравува развојот на настаните и укажа на, како што рече – „растечкиот тренд на руски партизански движења“.

Инцидентот доаѓа пред широко очекуваната контраофанзива на Кијив против инвазијата на руските сили.

Според американскиот Институт за проучување на војната, руското воено раководство го преувеличува значењето на заземањето на Бахмут наспроти позадината на ранливоста на борбената ситуација на руските трупи во пошироките области, пренесува Укринформ.

„Руската воена ситуација во Бахмут е особено ранлива бидејќи руските офанзивни напори во областа најверојатно кулминираа, давајќи им можност на украинските сили да започнат дополнителни контранапади на веќе ослабените крила на Бахмут“, се вели во извештајот.

Во извештајот се забележува и дека рускиот ултранационалист Игор Гиркин претходно се пожалил дека фокусот на Русија на заземањето на Бахмут е „стратешки неуспех“ што резултирало со „непотребна“ победа.

Во меѓувреме, руските напади врз територијата на Украина продолжија и во изминатото деноноќие. Укринформ јави оти синоќа Русија ја нападнала Украина со четири „Шахед“ дронови, кои единиците на воздушната одбрана на Украина ги уништила.

Еден цивил загина, а петмина се повредени по руското гранатирање на регионот Доњецк во изминатиот ден, објави украинската државна новинска агенција.

Во текот на вчерашниот ден, руските трупи извршиле 20 ракетни и 48 воздушни напади и отвориле оган со повеќе ракетни системи за лансирање.

Шефот на украинската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Јегор Чернев, на Фејсбук објави дека ова тело на НАТО едногласно ги признало злосторствата на Русија против Украина како геноцид, а терористичкиот режим во Руската Федерација како „рушизам“.

Според Чернев, Парламентарното собрание на НАТО ги повикало и владите на земјите-членки на претстојниот самит во Вилнус, Литванија отворено да се изјаснат дека Украина ќе стане членка на Алијансата и да договорат одредени чекори за пристапување на земјата во НАТО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...