Фото: Министерство за здравство

Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата во земјава се одвива непречено на сите пунктови низ државата, иако бројот на лица кои примиле прва доза на вакцина се намалува. Бројот на лица кои досега изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 431.770 граѓани.

На вакциналните пунктови во државата заклучно со сабота 29.05.2021 година, вакцинирани се вкупно 234.508 граѓани. Прва доза вакцина во саботата примиле само 597 граѓани, а вкупно се вакцинирале 10.792 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 315.781 дози вакцини, а ревакцинирани се 81.273 граѓани.

Со последните бројки, 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информираат од ова министерство.

„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, лица со ретки болести и хронично болни. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.