Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 36 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 482 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

„Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 30 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 44 пациент со симптоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, на Клиниката за очни болести 17 пациенти, а на ОРЛ 23 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 23 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 104 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 147 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент“, информираат од Министерство за здравство.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-тина слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 664 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола е хоспитализиран 54 пациент позитивен и суспектен на КОВИД-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 29 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 70 пациенти, во Прилеп 82 во ковид центарот, во Гостивар 45, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 72 пациенти, во Кочани 15, во Кичево 20, Кавадарци 39, во Гевгелија 15 лица, а во Дебар 5 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во моментов има околу 290 празни болнички кревети во ковид-центрите за прием на пациенти заболени и суспектни на ковид-19.