Во Германија од јануари месечниот билет за сиот јавен превоз ќе чини 49 евра

Јавен превоз во Берлин. Фото: Архива на Мета.мк

Откако летово во Германија беа воведени месечни билети од 9 евра за користење на јавниот превоз, нивната популарност ги принуди германските власти од јануари годинава да воведат атрактивна замена која ќе чини 49 евра месечно. Со ваквиот билет ќе може да се користи јавниот превоз во градовите, како и возовите на „Дојче Бан“ на кратки и средни дестинации. Ова значи дека германските граѓани и туристите ќе можат неограничено да го користат јавниот превоз и возовите по цена од 1,6 евра дневно, јавува Јуроњуз.

Германскиот министер за транспорт Волкер Висинг изјави дека ваквиот билет се воведува за да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се влијае на намалувањето на климатските промени, но и да им се помогне на граѓаните да се справат со растечките трошоци на живот.

Федералната влада се согласила заедно со 16-те покраински власти во Германија за воведување на месечниот билет од 49 евра од 1 јануари 2023 година. За разлика од хартиениот билет од 9 евра летово, новиот месечен билет нема да биде хартиен, а атрактивна опција е што ќе може да се користи за сите германски мрежи на јавен превоз кои досега имаа различни тарифни системи.

Гардијан пишува дека властите во Берлин веќе од октомври воведоа сопствен месечен билет од 29 евра, но којшто ќе може да се користи единствено во јавниот превоз на територијата на германскиот главен град.

Очекувањата се дека новиот месечен билет од 49 евра од 1 јануари ќе значи воведување на дополнителни субвенции од околу 3 милијарди евра, кои ќе треба да бидат поеднакво покриени со средства од властите на национално и регионално ниво.

Расправите за цената на месечните билети се засили во Германија, откако различни општествени групи изнесоа свои гледишта на оваа тема. Велосипедистите и нивните лоби групи сметаат дека возењето со велосипед во возовите треба да биде бесплатно во рамките на месечниот билет.

Дел од институциите за социјална работа во Германија сметаат дека месечниот билет од 49 евра е првенствено наменет за германската средна класа, додека ваквата цена ќе остане непопуларна за лицата со најмали финансиски примања. Реакции од експертите има и за нееднаквата развиеност на јавниот превоз во градовите и руралните места, па така се смета дека на луѓето кои живеат на село ќе им биде многу потешко да се откажат од својот автомобил во замена за користење на месечниот билет.