ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции изрече остри критики против владата на Зоран Заев, напаѓајќи ги генералниот секретар, Драги Рашковски, и министрите за привлекување странски инвестиции, Рамиз Мерко и Аднан Ќахил.

Цитирајќи повеќе делови од книга објавена од Правниот факултет, во кои се искажани ставови на Рашковски, Антонијо Милошоски порача дека тие се проблем за целата држава, оти „НАТО ги нарекува терористи и организација што бомбардирала цивили“ и во емисија порачувал дека на народот му треба добар ќотек.

– Новата Влада треба да се огради од ставовите на Рашковски како генерален секретар на владата на СДСМ. И треба да го ограничи неговото антинато-дејствување, барем да нема влијание во оние проекти и закони што ќе бидат важен дел од евро-атлантскиот интегративен процес. Господинот Рашковски нема ниту реформски, но, за жал, ниту демократски капацитет. Во последниот свој телевизиски настап новиот генерален секретар на владата, Рашковски, јавно ги навредуваше граѓаните на „Топ тема“, изјавувајќи дека „На народот му треба добар ќотек, некој да го ишамара за да се свести каде е“ – рече Милошоски.