Извор: Скриншот од видео на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија, вечерва во Античкиот театар во Охрид ќе го одбележи својот 31. роденден. Од партијата најавија дека свои обраќања ќе имаат генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски и лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кој ќе промовира нова политичка стратегија – „Македонија за сите луѓе“. Ќе бидат промовирани и поинакви партиски обележја, во кои, освен стандардната црвена и црна боја, ќе има и други бои.

Пред четири дена во Битола Мицкоски најави новитети во партијата, кога рече: „Бидете трпеливи, 16-ти јуни е вистинска најава за пресврт, за голем новитет во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија. Од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки и запаметете: 16-ти јуни е она што сите го очекуваат”, изјави тој, и рече дека излезот е во победа на обединет опозициски блок, па ги повика сите опозициски партии да му се приклучат на ВМРО-ДПМНЕ, ако имаат за цел промена на власта.

Новата политичка стратегија, „Македонија за сите луѓе“, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе опфаќа јасна визија за идното делување и обраќање на оваа партија, како и повеќе активности на терен, со цел заштита на националните, општествените и државни интереси.