fbpx

Власта вели дека нема да плаќаме пенали ако Собранието ги отфрли законите за автопатите

СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ намерно шири невистини за најголемиот проект вреден 1,3 милијарди евра

-

Владејачката партија СДСМ се јави со реакција, тврдејќи дека ВМРО-ДПМНЕ намерно шири лаги околу законските измени и дополнувањата со кои би се забрзала изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Од СДСМ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини за проектот вреден 1,3 милијарди евра, со кој ќе се изградат на автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево, Требениште-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола на Коридорите 8 и 10д.

„Не се точни тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите. Како кај секој друг договор каде Инвеститорот и Изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, Изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби. Но во тој случај рокот за изведба би бил подолг“, стои во соопштението на СДСМ.

Од владејачката партија велат дека станува збор за стратешки проект од национален интерес, па така наместо изградбата да трае со години и да чини повеќе, понудено е решение за да се заврши проектот во што покус временски рок.

Од СДСМ велат дека не е точно ниту тврдењето дека со промената на законските решенија се нарушуваат работничките права.

„Прво станува збор за предложени измени во Законот за работни односи кои се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Второ станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 отсто повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор, за останатите прекувремени часови“, соопштуваат од СДСМ.

Она што е најважно, според СДСМ, сето ова како прекувремена работа ќе се случува само со претходна обезбедена писмена согласност од самиот работник.

„Не се далеку времињата кога ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија системски ги кршеше работничките права, а македонските граѓани ги претставуваше како евтина работна сила. Тоа време заврши и нема да се врати назад“, велат од СДСМ.

Инаку, обвинувањето дека државата ќе плаќа пенали на „Бехтел-Енка“ прв ги објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски. Тој денеска повторно преку пост на Фејсбук пишува дека ако не се вовела 60-часовна работна недела, Македонија ќе плаќала огромни пенали, и тоа минимум 53 милиони евра еднократно и 2.165.000 евра секој месец.

Тој тврди дека сумата од 53 милиони евра ќе морало да се плати дури и да се донесе законот после 45 дена по потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...