Фото: принтскрин од видеото

Видео од американскиот милијардер Бил Гејтс, со лажен превод на неговиот говор, масовно се шири на социјалната мрежа Фејсбук, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што ја пренесуваме во целост.

Во објавата на видеото стои текстот „Bil Gates за вакцините и БАЛКАНЦИТЕ“ и еден ден по објавата веќе имала над 150 споделувања и над 30 реакции.

На видеото е прикажан Бил Гејтс кога бил видливо помлад, како дава изјава. Она што е невистина и тенденциозна манипулација на јавноста е преводот на она што го говори Гејтс во видеото.

Преводот е на српски јазик и апсолутно нема никаква врска со она што вистински го говори Гејтс на англиски јазик.  Но, доколку некој нема познавања од англискиот јазик, а разбира српски, може да биде доведен во заблуда дека преводот е соодветен на говорот на Гејтс.

Според преводот, Гејтс во видеото зборува за вакцина во негова сопственост, за вакцинирање на Балканците, за чипови во вакцините, како и за руската вакцина.

Вистината е дека во овој говор Гејтс не спомнува ни „В“ од вакцина, ниту „Ч“ од чип.

Еве еден дел од изговорениот дијалог од видеото:

Прашање: Мајкрософт потпиша два договори со Real Networks. Дали е ова вистина, господине?

Гејст: Не знам. Мислев дека е еден (договор).

Прашање: Real Networks претходно се викаше Progressive Networks. Дали е ова точно, господине?

А, еве како овие три реда се преведени во титловите:

Прашање: Тие никогаш немаа купено софтвер од Мајкрософт, зар не?

Гејтс: Не знам како тоа им успеало до ден денешен.

Прашање: Чиповите нема да функционираат во околината на ‘Ртиња, зар не?

Сите титлови кажуваат измислена приказна која се однесуваат на вакцините за ковид-19, за наводните чипови во нив, за чипирање, за руската вакцина… И ништо од ова нема врска со дијалогот кој се води во видеото.

Видеото е, всушност, дел од сведочењето под заклетва на Бил Гејтс на 28 август 1998 година во случајот „САД против Мајкрософт“ за судски спор поднесен против Мајкрософт од Министерството за правда на Соединетите држави. Владата на САД тогаш го обвини Мајкрософт за незаконско одржување на својата монополска позиција на пазарот на компјутери преку правните и техничките ограничувања што ги воведе за производителите на компјутери и корисниците да го деинсталираат Интернет експлорер и да користат други програми како што се Нетскејп и Јава. Во овие три минути исечок од целото сведочење, Гејтс одговара на прашања поврзани со овој спор, а не со вакцинирањето на балканците и нивно чипирање.

Освен тоа, Гејтс на видеото е толку млад, односно видеото е толку старо, што нема допирна точка со корона вирусот кој е присутен една година.

Иако можеби целта на ова видео била да биде сатирично, тоа никаде не е напишано ниту објаснето, за да не дојде до несакана манипулација или недоразбирање. Покрај тоа, лажниот/невистинитиот „превод“ нема никаква сатирична или забавна компонента во себе, туку преведувачките измислици во титловите се однесуваат на теми поврзани со актуелни прашања за ковид-19, вакцинирањето и други. Така што, ваквата постапка едноставно претставува злоупотреба извршена преку менување на суштината на оргиналното видео без за тоа да биде информирано (напротив, измените се скриени), а со цел да се шират дезинформации.

Не сите корисници на социјални мрежи имаат високо познавање од англискиот јазик за да сфатат дека видеото и преводот не се комплементарни. Вака објавено, претставува уште една во низата дезинформации и манипулации за Бил Гејтс и неговото поврзување со коронавирусот, вакцинирањето и чипирањето, пишува Вистиномер.мк.