Од прегледите може да се заклучи дека голем дел од младите не обрнуваат многу внимание на протоколите и заштитата, што впрочем се потврди со тоа што најголем процент од заразените биле на концертите во Охрид во периодот пред и по продолжениот викенд за 1 август. За голем дел од нив вакцинацијата е уште тема за која одбиваат да разговараат, со образложение дека се млади и дека кај нив сè ќе помине полесно, што, за жал, кај новиот сој таа теорија не може да ја потврдиме за точна, изјави доктор Бојан Трајковски, вработен во ПЗУ Ординација по општа медицина „Медика Вера“ за „Вистиномер“
Последниот извештај на Институтот за јавно здравје, кој ја регистрира состојбата со новозаразени од ковид-19 во земјава, откри интересен податок. За разлика од порано, кога се заразуваа претежно повозрасни лица, во последната недела од следењето на состојбата со коронавирусот, најзастапена е возрасната група на лица од 20 до 29 години. Извештајот се однесува на состојбата во Македонија од 19 до 25 јули и во него се регистрирани 35 млади на оваа возраст кои се новозаразени.
„Вистиномер“ поразговара со експерти од областа на медицината и епидемиологијата, кои дадоа свои видувања зошто младите стануваат сè поизложени на инфекција.
Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски, вели дека причините за тоа што најголем број од новозаразените во посочената недела се на возраст од 20 до 29 години е поврзана со вакцинацијата, односно нејзиниот опсег.
На прашањето како младите од 20 до 30 години го поминуваат коронавирусот откако ќе се заразат, тој вели дека симптомите се претежно лесни.
Претежно лесно, како да добиле потешка настинка. И тоа не ги спречува воопшто да се дружат интензивно. А, тоа што потоа ќе заразат свои домашни, родители, баби, дедовци, кому му е грижа? Во општество во кое нема заедништво, солидарност, емпатија, општество кое е збир на индивидуалисти и егоисти, ова е очекувано. Нека ни е за утеха дека и сите други западни општества исто поминуваат. За разлика од Истокот, но тоа е друга тема, за социолози и психолози, вели професорот.
Матичните лекари велат дека сè почесто гледаат млади пациенти кои имаат симптоми на коронавирусот во своите амбуланти.
Доктор Бојан Трајковски, вработен во ПЗУ Ординација по општа медицина „Медика Вера“, покрај амбулантските прегледи, кои ги спроведува во ординацијата, исто така, е во медицинскиот тим кој оди во домашна посета на пациентите.
Тој додава дека имат значително поголем број прегледи на млади кои доаѓаат со симптоми на коронавирусот.
Недозволиво е наставниците да не бидат вакцинирани, а децата да одат на настава со физичко присуство. Во минатото, кога немавме доволно вакцини пристигнати во земјава, имаше некаква логика да се прават приоритетни групи, односно да се вакцинираат прво здравствените работници најизложени на ризик, па повозрасните. Сега, кога имаме доволно вакцини на располагање, треба да се вакцинираат сите, вклучително и младите, ни рече доктор Стојанов.
Во периодот од 6 август до 12 август на територијата на државата 3.497 граѓани се позитивни од тестирани, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно само 12,8 проценти. Голем процент, дури 87,1 процент или 3.047 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Во периодот од една седмица на територија на државата починале 25 лица со ковид-19, ниту еден од нив не бил вакциниран, известија државните здравствени власти.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, нагласувајќи дека секоја вакцина која ја имаме на располагање во државата е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Оттаму апелираат граѓаните да се вакцинираат и порачуваат дека само така „ќе спречиме ширење на мутации на Сарс Ков 2“, пишува „Вистиномер“.