Несомнено, слободата на медиумите и на правото на говор и на изразување е пошироко и помодерно разбрано во СДСМ, споредувајќи ги со ВМРО-ДПМНЕ, и тоа и во поглед на предизборните програми, но и во поглед на праксата. Сепак, покрај тие современи заложби и приципиелно добри ветувања, во програмата „Можеме“ се детектираат два-три спина околу реализираното во изминатите 2,5 години ефективна власт на СДСМ, пишува „Вистиномер.мк“ во новиот Контраспин.

 

апомена: Тука можете да ја најдете анализата на предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во делот за медиумите.)

Во Програмата на СДСМ за наредниот четиригодишен период „Можеме“, во поглед на медиумите нема посебно поглавје, има повеќе добри принципиелни ветувања што одат на линија на унапредување на слободата на медиумите, развој на медиумската писменост и заштита на малолетната публика, но и по некој спин за реализацијата на претходно ветените реформи.

Она што недостасува на прв поглед, како и кај ВМРО-ДПМНЕ, е отсуство на ветување за Стратегија за развој на медиумскиот сектор – нешто што го бараат сите засегнати страни, како и отсуство на зајакнување на законодавството во поглед на заштита на социјалните права на новинарите и другите медиумски работници, нешто што, исто така, го нема ниту во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа зачудува, затоа што во изминатите две и пол години ефективна извршна власт, СДСМ покажа волја да поработи на тоа прашање со новинарските организации, иако не дојде од реализација.

 

Дали е вратена слободата на медиумите?

Еден од првите спинови што ги забележавме во програмата „Можеме“ е следниот:

Спин: Ја вративме слободата на медиумите и слободата на изразување. Според индексот на „Репортери без граници“ на листата на слобода на печатот за 2019 година, нашата земја е рангирана на 95 место или 23 места повисоко споредено со 2016 година, кога беше рангирана на 118 место; (стр.154)

Контраспин: Станува збор за извртена вистина или спин. И самите податоци што ги наведува СДСМ во својата програма, повикувајќи се на извештајот на „Репортери без граници“, покажуваат дека слободата на медиумите е долгорочен процес кој бара посветеност и принципиелност во заложбите. Навистина, споредено со 2016 година, податоците од 2019 и 2020 година се прогресивни, односно покажуваат дека медиумскиот амбиент е битно променет во однос на тоа каков беше додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е сѐ уште далеку од посакуваната слобода на медиуми во вистинска смисла на зборот. Конечно, ова е повторено тврдење од 30.01.2020 година од страна на СДСМ, кога преку соопштение го кажаа истото, на што со целосно спрoтивно тврдење излезе и ВМРО-ДПМНЕ истиот ден, а „Вистиномер“ ги анализираше и двете тврдења при што тогаш беше напишано и следното:

„Ниту е точно дека медиумите во земјата се целосно слободни и дека е ставен крај на насилствата врз новинарите, ниту, пак, е точно тврдењето на опозицијата дека нема напредок. Има и тоа видлив напредок по смената на власта во 2017 година во јуни, но тој напредок не е толкав за да се прогласи Македонија за медиумски рај. Оваа оценка е, всушност, оценка на домашните новинарски здруженија и ако се погледнат сите објави на ССНМ, на ЗНМ, на СЕММ на МИМ, итн, ќе се дојде до ваквиот заклучок. Особено има напредок во драстичното намалување на (физичкото) насилство врз новинарите, што може лесно да се забележи и од инфографикот што неодамна го објави новинската агенција Мета“ („Вистиномер“)

 

Јавни пари во медиумите сѐ уште има

Спин: Ставивме крај на владиното рекламирање кое во минатото се злоупотреби за поткупување на медиумите и труење на јавноста со политичка пропаганда; (стр.155)

Контраспин: Ова тврдење е само делумно точно. Не постојат повеќе пари што се одлеваат од Владата до медиумите за пропагирање на владини политики, како што тоа се чинеше со години, од 2009 до 2015 за време на ВМРО-ДПМНЕ, при што директно и индиректно, за домашни и странски медиуми беа потрошени 38 милиони евра (податок од Владата), при што директно се влијаеше на поткупување на медиумите. Владата на СДСМ уште со декларација во 2017, а потоа и со законски член во ЗААВМУ во 2018 г., го забрани ваквиот тип на рекламирање.

Но, Владата, под притисок и на медиумите, најде начин да уфрла законски пари во медиумите преку измена на Изборниот законик во 2018 година. Според податоците собрани од новинарските здруженија и од јавно достапните извори преку Министерството за фиансии и ДИК, а кои се објавени во две неодамнешни истражувања на „Метаморфозис“ посветени на медиумите и на изборниот систем, почнувајќи од референдумот за Преспанскиот договор во 2018 г, преку претседателските избори во 2019 г и калкулирајќи ги овие предвремени избори во 2020 г., во медиумите биле и ќе бидат вбризгани помеѓу 9 и 11 милиони евра (во зависност колку ќе бидат потрошени за овие избори) и тоа буџетски пари, преку кои се покриваат изборните кампањи на учесниците на изборите.

Ваквиот начин на финансирање на изборните кампањи од страна на Антикорупциската комисија беше оценет како можност за корупција на медиумите и влијание врз нивната уредувачка политика, а слични оценки се доставени и од новинарските здруженија.

Освен ова, сѐ уште не се решени прашањата на забраната за финансирање на медиумите од страна на локалната самоуправа и не е познат финансискиот прилив во медиумите од страна на локалните јавни претпријатија или на оние акционерски друштва што се во целосна или делумна државна сопственост.

 

СДСМ ја пропушти можноста за смени во МРТ и АВМУ

Спин: Усвоивме и серија други измени во законските прописи, со кои создадовме услови за професионализација на МРТ и за ефикасни регулаторни тела, ослободени од политичко влијание и со поголемо учество на граѓанскиот сектор во работењето на овие институции. За жал, поради опструкциите на опозициската ДПМНЕ, голем дел од овие реформски решенија сè уште не се применети. (стр.155)

Контраспин: И тука вистината е малку поинаква, односно извртена, односно не до крај кажана. Точно е тоа дека ВМРО-ДПМНЕ, преку претседателот на собраниската комисија за избори и именувања, Илија Димовски, повеќе пати одбиваше во 2019 година да ги стави на дневен ред точките за избор на Програмскиот совет на МРТ и на членови на Советот на Агенцијата за медиуми и тоа преку веќе распишани конкурси на крајот од 2018 и почетокот на 2019 година. Покрај ова, СДСМ често го употребува аргументот дека заедно со ДУИ го загубиле мнозинството во матичната комисија, па и затоа не можеле да ги изберат членовите на двете тела. Но, вистина е дека СДСМ, барем не јавно, никогаш не ја искористи можноста да закаже таква тематска седница на Комисијата со одлука и со претседавање на спикерот Талат Џафери, штом Димовски не сака, а тоа го практикувале и за други комисии каде претседателите од опозицијата се притивеле да стават некои закони или други точки на дневен ред.

За тоа СДСМ (заедно со ДУИ) имаа време до крајот на јули 2019 година, зашто дури тогаш го загубија мнозинството, откако пратеник на БЕСА коалицираше во одлуките на собраниската комисија со членовите парламентарци од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Помош за медиуми да, но нематеријална

Спин: Ќе обезбедиме континуирана финансиска и нефинансиска поддршка за печатените медиуми и локалните телевизии.(стр. 157)

Контраспин: Овој спин, де факто е полу спин, зашто не е дообјаснето ветувањето, а дел од тоа веќе се случува во пракса континуирано. Прво, не може на едно место партијата да се залага за стоп за владини пари за реклами во медииуми, а на друг начин да ги уфрла тие пари, дали преку избори или под „фирмата“ помош за медиумите.

Де факто, помошта е дозволена и препорачана и според Советот на Европа, особено за печатените медиуми и таа во РСМ, Владата на СДСМ ја спроведува веќе две години со по околу 800 илјади евра годишно. Но и според тие препораки на Советот на Европа и според домашните невладини организации и медиумски здруженија, тоа треба да се прави по претходно цврсто дефинирани правила во еден широк инклузивен процес. Владата да нема директно можност да решава кому ќе даде, а кому не, туку да се задржи само на евентуална надзорна улога и по можност, поголемиот дел од таа помош да се состои од нефинансиски мерки, односно не со директно давање пари, туку со разни законски и подзаконски олеснувања.

Впрочем и „Метаморфозис“ има усвоено став и препораки по ова прашање уште во минатата 2019 година. Насловот гласи: Директно доделување јавни пари во медиумите, води кон контрола на медиумите.