Во изминативе две години за четири до пет пати е намален бројот на случаите на повреда на правата на новинарите во земјава. Ако во 2017 година биле регистрирани 20 вакви случаи, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) лани регистрирало само четири инциденти, од кои еден бил физички напад на новинар и три случаи на вербален напад. Низ годините опаднала и „тежината“ на повредата на новинарските права, па така во текот на 2019 и 2018 година тие биле упатени првенствено во форма на вербални напади кон новинарите и медиумските работници.
За периодот 2014 – 2019 година, од страна на ЗНМ се прибележани вкупно 57 случаи на повреда на правата на новинарите. Најцрн датум се случувањата на „Крвавиот четврток“, кога на 27 април беа регистрирани дури шест физички напади врз новинарите и медиумските работници. Притоа, повредите во турбулентниот период од 2015 до 2017 година се многу подрастични, а покрај физички напади, имало и забележано уништување на имот и закани по живот упатени на професионалците.
Во публикацијата на Фондацијата „Метаморфозис“ за проценката на напредокот на Република Македонија во исполнувањето на политичките критериуми неопходни за членство во ЕУ, во делот на медиумските реформи, се наведува дека односот кон новинарите во земјава е променет по менувањето на владејачките структури во 2017 година. Високите функционери и другите именувани лица се воздржуваат од закани и навреди кон новинари, што доведува и до намалување на случаите на повреда на новинарските права, а судот за прв пат изрече и казна затвор од 6 месеци за напад врз новинар.
Притоа, во публикацијата се наведува дека најголемиот дел од ваквите повреди во периодот по 2017 година се решени или се во процес на решавање, а охрабрува и фактот што подобрената состојба ја регистрирале и од Регионалната платформа за Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и за заштита на новинарите.
И покрај ваквите подобрувања, Синдикатот на новинарите (ССНМ) и Здружението на новинари (ЗНМ) во континуитет бараат од државните власти да извршат промени во Кривичниот законик, со кои би се пронашол начин нападите врз новинарите построго да се третираат во казненото право. Ваквите барања постојано се повторуваат со по секоја нова повреда што е регистрирана, како што тоа во изминативе денови беше случајот со упатените закани и навреди на Емил Јакимовски кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.