Фото: Исечок од видеото

Повеќе светски медиуми известија дека во саботата Бајден паднал од велосипед, додека возел со својата сопруга во близина на неговата викендица во Рехобот Бич во Делавер. На Бајден не му требала медицинска помош, според Белата куќа и немал повреди од падот. Откако станал, како што може да се види од видеото снимено од мал број на фоторерпортери и сведоци, рекол дека е добар и продолжил да одговара на низата прашања на новинарите. Бајден има јавни настапи речиси секој ден, медиумски настапи, вклучен е во менаџирање и коментирање на внатрешните и меѓународните политички процеси вклучително и за  воената инвазија на Русија врз Украина и неможно е сите тие комплицирани процеси да ги спроведува негов двојник, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека американскиот претседател Џо Бајден има двојник и дека тој се појавува во јавноста во една голема „фарса”. Авторот на постот споделува видео материјал од неодамнешното возење велосипед на Бајден, кога тој имаше мала незгода и падна од велосипедот и вели дека тоа што рацете и нозете на Бајден изгледаат младо е доказ дека стнува збор за „глумец“.

Бајден падна од точакот.

Трамп одамна спомна за слични падови од точак претходно.

Дополна,

Глумец. Погледнете ги рацете и нозете. Млад човек. Се е фарса, се вели во постот кој го рецензираме.

Ваквото тврдење оди во прилог на мноштвото невистинити, шокантни дезинформации во кои веруваат следбениците  на заговор. Нивните теории вклучуваат наративи дека Бајден има двојник создаден од Холивуд, но дека тоа се крие од јавноста, како и верувањето дека поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп тајно се бори со групација на трговци со деца, кои вклучуваат познати демократи, холивудската елита и дипстејт. Тврдењата на Кју заговорниците, како што пишуваат повеќе светски медиуми, се дека војската на САД е на власт додека Трамп се врати на неговата функција. Ништо од ова не е вистина и станува збор за теорија на заговор во која веруваат поддржувачи на Трамп и нивни распространети содружници ширум светот кои под псевдонимот Кју ги пласираат ваквите дезинформации.

Повеќепати за да ја разубедат јавноста во својата невистина дека Бајден има двојник, тие пласираа невистини поврзани со неговиот физички изглед, а таков е случајот и со постот што е предмет на нашата рецензија, каде рацете и нозете на Бајден се вели дека се на млад човек.

Повеќе светски медиуми известија дека во саботата Бајден паднал од велосипедот додека возел со својата сопруга и придружуван од обезбедување во државниот парк Капе Хенлопен, во близина на неговата викендица во Рехобот Бич во Делавер. Во петокот тој и сопругата  Џил прославувале 45 годишнина од бракот.

На Бајден не му требала медицинска помош, според Белата куќа и немал повреди од падот. Откако станал, како што може да се види од видеото снимено од мал број на фоторерпортери и сведоци, рекол дека е добар и продолжил да одговара на низата прашања на новинарите. Откако одговорил на прашањата на новинарите за кинеските стоки и легислативата за контрола на оружјето, се вратил на велосипедот и го завршил возењето.

Во 1975 година, американскиот претседател Џералд Р. Форд, исто така, паднал за време на посета во Австрија. Една деценија подоцна претседателот на САД Роналд Реган се лизна додека се качуваше на авион. И самиот Бајден лани се сопна додека се качуваше на претседателскиот авион.

Во 2004 година тогашниот претседател Џорџ Буш падна од својот велосипед во Тексас.

Следната година Буш удри во полицаец додека возеше велосипед во Шкотска.

Во 2015 година, Џон Ф Кери, државен секретар, си ја скрши ногата додека возеше велосипед на Француските Алпи.

Со дигитално изменети фотографии на социјалните мрежи се ширеа дезинформации за Бајден дека тој не бил вакциниран со бустер доза против ковид-19, туку дека тоа го сторил неговиот двојник.

Ваквите тврдења за наводен двојник на американскиот претседател не се втемелени во реалноста и во фактите, туку се производ на бујна фантазија испреплетена со заговорнички приказни на Кју движењето за наводна контрола и доминација на светот од страна на длабоката држава и Доналд Трамп како спасител на светот од злите глобалисти, трговци со деца итн…

Јаху извести дека Трамп постирал видео монтажа на која го исмева падот на Бајден од велосипедот и на која изгледа како да го удира со голф топче.

Би Би Си пишува дека причината за падот според самиот Бајден е тоа што стапалото му се заглавило на педалата од велосипедот, меѓутоа дека нема повреди и дека се чувствува добро.

Претседателот на САД, Џо Бајден има јавни настапи речиси секој ден, медиумски настапи, вклучен е во менаџирање и коментирање на внатрешните и меѓународните политички процеси вклучително и за воената инвазија на Русија врз Украина и неможно е сите тие комплицирани процеси да ги спроведува негов двојник.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека Бајден има двојник.