Се исуши уште едно од забетонираните дрвја во градот, на улица Македонија, буквално вградено во затворената тераса на кафуле и едно од 800 евидентирани од експертите од Шумарскиот Факултет во Скопје, покажа проверката што ја направи прави тимот од оваа институција.
Ова е второ дрво за кое е потврдено дека се исушило поради тоа што му биле забетонирани корењата и стеблото и им било оневозможен доток на вода и кислород и тоа по пет месеци откако е објавена студијата и интерактивната мапа со околу 800 дрвја забетонирани или на друг начин заробени поради несоодветни градежни решенија на подрачјето на Град Скопје и откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов потпиша меморандум за соработка околу ослободувањето на овие вредни повеќегодишни растенија со Шумарскиот факултет.
Дрвото кое беше заробено во тенда на кафуле на улица Македонија сега е исечено и отстрането, а вработените потврдуваат дека внатре во нивната застаклена тераса имало дрво, кое се исушило и дека неодамна било отстрането – од надлежните од Град Скопје.
На мапата на „задавени дрвја“ изготвена од Шумарскиот факултет, ова дрво е обележено со реден број 569 – Liriodendron tulipifera (лириодендрон) и стои следната напомена: „Еден од веќе неколкуте лириодендрони на улица Македонија кои се исушени. Овој, и немал шанса зашто е сосема заграден во рамките на т.н. „летна тераса“ која е отидена еден метар понадвор од сите останати, и токму во тоа проширување го окупирала стеблово!“
Надлежноста за издавање дозволи за затворени тераси на улица Македонија ја има секторот за урбанизам на Град Скопје, Од градската служба за информирање не известија дека во Градот го истражуваат случајот и дека во најскоро време ќе информираат кој е виновен што на ваков начин се узурпира урбаниот простор сосе вредни повеќегодишни дрвја!
Конфузијата да биде поголема, инспекцискиот надзор, пак, е во рацете на општинската градежна инспекција, на која, како што велат во Општина Центар, честопати и се врзани рацете поради вакви нејасни и поделени ингеренции па не реагира на очигледни узурпации.
„Очекуваме во скоро време Советот на општината да донесен Правилник за поставување на урбана опрема со кој би требало да се стави ред во оваа сфера“, вели Емил Лазаревски, портпарол на Општина Центар.
„Разочаран сум што се остварува она на кое што укажуваме веќе подолго време“, вели Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот Факултет од Скопје. На толкаво внимание од јавноста, на толку укажувања и посочувања за проблемот, додава Сотировски, и на првичната брза реакција за прифаќање на одговорноста на Градот за заробените стебла, сепак ни се случува да ни се сушат пред очи!
Според истражувањето направено од Шумарскиот факултет, повеќе од 1.000 дрвја се на ваков или сличен начин заробени и осудени на смрт, но скопскиот градоначалник Шилегов неодамна се прогласи за надлежен за ослободување на само 187 од нив, додека останатите, според него, биле во надлежност на општините.