fbpx

По повод 50-годишнината, во Хрватска е објавена нова книга за стрипот „Алан Форд“

-

Кон крајот на април во Загреб е објавена книгата „Хало Бинг“ на Иван Сршен и Антонија Радиќ, одбележувајќи го првото објавување на „Алан Форд“ во мај 1969 година. Таа се заснова на подолго интервју со Макс Бункер, еден од авторите и издавач на култниот стрип.

Објавувањето на книгата, најавено како честитка за 50-тиот роденден на Групата ТНТ, е проследено со голема маркетиншка кампања, која вклучува билборди и достапност и во продажната мрежа на „Вечерњи лист“ низ трафиките и во книжарници.
Покрај интервјуто, направено во Милано, новата книга содржи и есеи за значењето или историјата на овој класик на црниот хумор, како и поговор од српскиот колумнист Теофил Панчиќ. На пример, преку објаснувања за слоганите на маиците на Грунф читателите може да дознаат како суптилно се исмејувал фашизмот. Форматот на книгата е во стил на класичните изданија на стрипот, завршува со карикатури и крстозбор „фордаљка“.

 

Пародијата на сториите за тајни агенти „Алан Форд“ е дело на италијанскиот сценарист Макс Бункер (Лучиано Сечи, р. 1939 г.) и цртачот Магнус (Роберто Равиола, 1939-1996), кој ги има нацртано првите 75 епизоди и во серијата се има вратено само еднаш, да го нацрта бројот 200. Првобитно почнал да излегува во мај 1969 година, стекнувајќи широка популарност две години подоцна, со воведувањето на ликот Суперхик. Деновиве во Италија се очекува да излезе 600-та епизода.

Стрипот за прв пат е објавен во СФРЈ во 1972 година како дел на библиотеката „Суперстрип“ на хрватскиот новински гигант „Вијесник“. Набргу стекнува огромна популарност и култен статус, особено заради тоа што изворниот хумор е надграден со виртуозниот превод на уредникот и новинар Ненад Брикси (1924-1984). Во 2015 г. Брикси е постхумно награден за заслугите за промоција на хрватскиот јазик со спомен плоча во неговиот роден град Вараждинске Топлице.

Гротеската „Алан Форд“ имаше огромно влијание на популарната култура на југословенските простори, инспирирајќи ја продукцијата на филмски („Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Балкан експерс“) и телевизиски комедии („Топ листа надреалиста“), политичката сатира на љубљанска „Младина“ (која фабрикуваше и апокрифна епизода со Тито ), како и критички- настроеното музичко творештво на македонските „Суперхикс“.

Според неофицијални извори од хрватската стрип-заедница, Бункер неодамна одбил да го обнови договорот со загрепскиот издавач „Стрип-агент“ (Strip-agent d.o.o). Со тоа, единствен лиценциран издавач за бившојугословенските простори во моментов останува српската верзија на „Колор медиа интернешнал“ (Color Media International), чии изданија се дистрибуираат од Словенија до Северна Македонија.

Книгата „Хало Бинг“ се придружува на растечката библиотека културолошки дела кои како предмет на изучување го имаат феноменот на Алан Форд, како „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли (1987) до „Цвеќарницата во Куќата на Цвеќето“ на Лазар Џамиќ (2012) во која за прв пат беа објавени интервјуа со авторите и преведувачите.

Годишнината е прославена и во Словенија, преку светската изложба „Алан Форд го трча почесниот круг“ во Љубљана, на која се претставени 162 оригинални стрип-табли на Магнус нацртани меѓу 1969 и 1975 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...