fbpx

Вчерашниот дефект во скопскиот водовод доаѓа неколку дена по критиките од ЕУ за загубите на вода во земјава

-

Вчерашниот дефект на затворачот на водоводна цевка со дијаметар ф500мм на булеварот Кочо Рацин во центарот на Скопје повторно го отвори прашањето за тоа во каква состојба се наоѓа водоводната мрежа во нашите градови. Дотраените цевки стари по неколку децении, дивата потрошувачка на вода од несовесните граѓани, отсуството на прецизно мерење на потрошувачката на вода и користењето на питката вода за полевање на јавни површини и за фонтаните го креваат до плафон нивото на неприходувана вода за пиење, горливо прашање кое стигна како забелешка нотирана дури и во Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година од Европската комисија (ЕК).

Иако дефектот вчера беше саниран за брзо време, факт е дека истиот ден се случи уште еден помал дефект во северниот дел на Скопје, кој привремено ги остави без вода за пиење дел од граѓаните на општините Чаир и Бутел. Денеска поради дефект на затварач на ф300 мм на улица Ферид Бајрам, со прекинато снабдување на вода се делови од населбата Бутел 2, а со намален приклучок на вода се граѓаните од населбите Чаир и Скопје Север. Оттука, брзото санирање на дефектите не значи дека во иднина тие нема да се повторат, а без поголеми инвестиции не би можело да се намалат загубите на вода во водоводните системи.

Процентот на неприходувана вода лани во Скопје изнесувал 62,38 отсто, што е минимално под националниот просек од 64,64 отсто на загуби на вода за пиење во водоводните системи. Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за „Мета.мк“ не прецизираат што е причината за вчерашниот дефект на водоводната цевка со дијаметар ф500мм, за чие санирање пак требаше да се затвори главната цевка со дијаметар 1.400мм што го остави половина Скопје без вода за пиење во период од неколку часа.

Од вчерашната поправка на дефектот во скопскиот водовод; Фото: ЈП „Водовод и канализација“

„Дефектите се случуваат од различни причини и не можат да се планираат. Дефект од овој тип, е ретка појава, но сепак може да се случи. За отстранување на дефектот на затворачот на ф500мм, мораше да се затвори дотокот на вода со цел да нема големи загуби на вода и да се создадат услови за работење, бидејќи се работи за голем профил на цевка со вода која е под голем притисок“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од ова јавно претпријатие се задоволни што екипите работеа непрекинато и дефектот се отстрани за многу кратко време, со оглед на неговите размери. По отстранување на истиот, водата постепено се пушташе во системот сè до нормализирање на водоснабдувањето и стабилизација на притисокот доцна ноќеска.

Од друга страна, Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година бара да го намалиме процентот на неприходувана вода кај водоводните системи во земјава. Во поглавјето за животната средина и климатските промени, ЕК упатува критика за ограничен напредок постигнат во однос на квалитетот на водите во земјава. Притоа, од македонските власти се бара да воспостават систем за следење на квантитетот и квалитетот на површинските и подземните води, а повеќе напори се бара да се вложат во намалувањето на количеството на неприходуваната вода.

„Земјата треба да вложи значителни напори за спроведување на законодавството на ЕУ во оваа област. Треба да се зајакнат административните капацитети и меѓуинституционалната координација“, се наведува во Извештајот на ЕК за нашата земја во однос на квалитетот на водите.

„Мета.мк“ со месеци наназад ја следи темата за високите проценти на загуби на вода за пиење во водоводните системи во земјава. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, во 2019 година, во зависност од тоа кој е давател на водни услуги, процентот на неприходувана вода во земјава се движел помеѓу 13 и огромни 85 отсто од вкупно произведената вода.

Според Меѓународната асоцијација на води, прифатлив процент на губење на вода е под 30 отсто, а некои од поразвиените земји-членки на ЕУ имаат и многу понизок процент на неприходувана вода во нивните водоводни системи. Ваквите поразителни бројки за нашата земја, значат дека најголем дел од произведената вода за пиење всушност не стигнува до крајните потрошувачи, туку се губи на патот до нив поради дотраените водоводни цевки, дивите приклучоци за вода, непоставените мерачи за вода за пиење и трошењето на питката вода за полевање на јавните површини и за фонтаните.

И покрај големиот интерес за следење на темите од областа на екологијата, само мал број на невладини организации и граѓански иницијативи ја следат темата за огромните загуби на вода во водоводните системи во земјава. Еден од ретките активни проекти во моментов е Water4Changes, којшто се спроведува од група млади ентузијасти- шејпери, кои се дел од организацијата Global Shapers Skopje Hub. Тие веќе три месеци преку нивната Фејсбук страница активно водат кампања за поткревање на свеста кај популацијата за реалните состојби во земјава поврзани со правото на вода и санитација на граѓаните.

Во изминатиов период, за проблемите поврзани со немањето на вода за пиење, немањето чиста вода за пиење и рестрикцијата на водата, Water4Changes објавија неколку видеа. Помеѓу другото, во приказните на младите активисти се слушна за проблемот со достапноста на водата за пиење во Тетово, како и за рестрикциите на вода за пиење во Неготино во текот на летните месеци. Сите овие проблеми на граѓаните на поединечни општини се случуваат во идентичен период, во кој најголем дел од водата за пиење произведена во водоводните системи се губи на нејзиниот пат од изворите до крајните потрошувачи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...