Општини како Тетово и Неготино и во 2020 година со часови имаат рестрикции на вода за пиење (видео)

Процентот на неприходувана вода во водоводните системи во земјава лани изнесувал дури 64,64 отсто од вкупното количество произведена вода за пиење. Додека во некои општини, како што е случајот со Скопје, милиони кубни метри вода се губат во дотраените водоводни цевки и диви приклучоци, одредени општини во земјава имаат недостигна питка вода и рестрикции во водоснабдувањето на населението.

Water4Changes како проект за заштита и имплементација на правото на вода и санитација, во моментов работат на кампања за поткревање на свеста за проблемите на водоснабдувањето во Северна Македонија. Преку информативни графички прикази и видеа на нивната Фејсбук страница, Water4Changes се обидува да ги опише реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани со водата за пиење.

Во случајот на Неготино, граѓаните секоја година од јуни до септември често се соочуваат со недостаток на вода и рестрикции. Рестрикциите на вода во Неготино понекогаш траат и до 12 часа во едно деноноќие, додека селското население во овој регион понекогаш ја користи водата од Вардар, што понатаму предизвикува санитарни проблеми, велат од Water4Changes.

Посебен проблем со достапноста на вода за пиење има Тетово, којшто се снабдува од четири високопланински извори на Шар Планина. Урбанистичката експанзија на овој град, без притоа да се развива паралелно водоводната мрежа, како и замрзнувањето на изворите во зимските месеци, ги остава жителите на Тетово и околината без вода за пиење или со воведување на рестрикции. Некои жители од околината на Тетово и до шест месеци во годината немаат постојан пристап до вода за пиење.

Можеш ли да зaмислиш 6 месеци во годината да немаш постојан пристап до чиста вода за пиење? Ардита Асани која живее во…

Gepostet von Water4changes am Montag, 17. August 2020

Ардита Асани во постираното видео на Фејсбук-страницата на Water4Change го објаснува проблемот со недостигот на вода за пиење во нејзиниот дом и како таа со останатите локални жители од околината на Тетово доаѓаат до вода за пиење за задоволување на нивните потреби.

И додека граѓаните од Тетово и Неготино во одредени месеци немаат ниту капка вода за пиење во своите домови, податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажуваат дека водоводите во земјава само во 2019 година имале неприходувана вода од 175.349.029 метри кубни вода, што би било доволно овие две општини да имаат вода за пиење во изобилство во наредните неколку години, а можеби и децении. Дел од оваа изгубена вода во општинските водоводи е резултат на физичките губитоци на вода, дивите приклучоци, неточноста на водомерите и грешки при ракувањето со податоци и нефактурираната легална потрошувачка, како што е водата што се користи за полевање на јавните површини, фонтани и чешми.

Од Water4Change посочуваат неколку главни проблеми во водоснабдувањето во земјава: недостаток од вода за пиење (81 отсто од луѓето во Македонија имаат пристап до чиста и безбедна вода за пиење), лош квалитет на водата, недостаток на водоводна и санитарна инфраструктура, недостаток на вода за пиење поради изградба на хидроцентрали, загадување на водите за капење и реките, како и недостаток на јавни фонтани и јавни тоалети.