Водоводните претпријатија лани успеале да го намалат нивото на неприходувана вода на национално ниво за приближно 3 отсто, но тоа е далеку од прифатливите меѓународни стандарди за процентот на загуби на вода за пиење во водоводните системи. Од 271.262.710 метри кубни вода, колку што била произведена од водоводните системи во земјава лани, дури 175.349.029 метри кубни вода (64,64 отсто) била неприходувана, покажува Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за 2019 година.

– Процентот на неприходувана вода и во 2019 година останува едно од значајните прашања кај давателите на водни услуги и истиот се движи помеѓу 13 и 85 отсто, во зависност од давателот на водната услуга – се вели во Годишниот извештај на РКЕ.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека Македонија е една од земјите во кои најголем потрошувач на водата за пиење се самите водоводни системи на општинските претпријатија. Удел во високиот процент на неприходуваната вода имаат дотраените цевки и инфраструктура од кои протекува водата, недоволната контрола на дивата потрошувачка на вода, непоставените мерачи за потрошена вода и неутврдениот начин на контрола на питката вода што се троши за полевање на јавните површини и за фонтаните.

Токму поради овие причини, најголем дел од водата за пиење што се произведува, всушност се губи низ дистрибутивната мрежа пред воопшто да стигне до крајните потрошувачи. Овој висок процент на неприходувана вода е во спротивност со стандардите на Меѓународната асоцијација на води, за која прифатлив процент на губење на вода е под 30 отсто.

Светската банка во 2013 година изработила студија за развојот на водниот сектор во Македонија. Уште тогаш, експертите порачаа дека до 2020 година ќе се почувствуваат првите ефекти од климатските промени врз снабдувањето со вода низ општините. Во наредните три децении, количеството на врнежи ќе се намалува, волуменот на вода во реките ќе опаѓа, а температурите на воздухот во нашата земја ќе растат. Од овие причини, намалувањето на процентот на неприходувана вода треба да биде приоритет на државните и на општинските власти.