Фото: Ковид-19 пациент на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби | Автор: Арбнора Мемети

Во периодот од 12 до 18 октомври тестирани се вкупно 13.213 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Регистрирани сe 2.676 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 19,3 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (51,4 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија –228,3/100.000, информираат од Министерството за здравство согласно извештајот на Институтот за јавно здравје.

Оттаму посочуваат дека процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 20,3 отсто.

Најзастапена е возрасната група од 30-39 години (20,9 проценти). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (19,5 отсто), 20-29 (17,6 отсто), над 60 (17,5 отсто) и 50-59 (16,6 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (3,0 проценти) и 10-19 години (5,0 проценти).

Како што покажува извештајот на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени (49,1 проценти), регистрирани се 96 (7,3 отсто) хоспитализирани, а кај 305 (23,3 проценти) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 470 (35,9 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 26 (2,0 отсто) лица со историја на патување (во последни 14 дена).

Во споменатиот период, од добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.089 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 25 проценти повеќе во однос на минатата недела.

Од ИЈЗ велат дека пријавени се 49 смртни случаи од 16 градови, зголемување од 58,1 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, 9 лица на возраст од 50-59 години и 2 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица.