fbpx

Утопија претворена во реалност – градските власти на Виена нудат дом за секого

Општествениот социјализам кој го започнаа социјалдемократските власти во 1920-тите години денеска на Виена и го донесе епитетот на град со најквалитетни услови за живот во светот, без урбанистички хаос и градежни шпекуланти кои ја диктираат цената на домовите

-

Со години наназад, Виена е прогласувана за град кој на жителите им обезбедува најквалитетен живот. Во конкуренција на 173 метрополи низ целиот свет, австрискиот главен град доминира на листата на магазинот Економист. Токму стабилноста и добрата инфраструктура се главните работи по кои Виена се наоѓа на врвот на оваа листа. А неизоставен дел од стабилноста е обезбедувањето на сигурен и топол дом за секој жител. Во овој поглед, Виена има искуство поголемо од 100 години.

Реновирање на општествена зграда од страна на Градот Виена; Фото: Мета.мк

Шетајки низ градските улици, на фасадите на многубројни објекти, речиси невозможно е да не ги забележите грбот на Градот Виена и годините на нивната изградба. Бројките впишани на фасадите на објектите за стотици илјади граѓани на Виена значат живот. Тоа се популарните општествени згради, изградени во рамките на системот на социјално домување кое го воспоставија социјалдемократските власти на Виена во 1920 година и успешно трае до денешен ден.

Грбот на Градот Виена може да се најде на многу згради низ градот; Фото: Мета.мк

Едно од најзначајните утопии на социјализмот, обезбедување на правото на домување за секое лице, во Виена има значителен степен на реализација. Во изминативе 103 години, градските власти успеаја да изградат 220.000 општествени станови, во кои живеат над половина милион жители на Виена. Исто така, Градот Виена успеа да субвенционира изградба на станови за дополнителни 200.000 жители. Овие бројки од веб страницата на виенските градски власти се вистинското објаснување на темата зошто австрискиот главен град е препознатлив низ светот како најквалитетно место за живот.

Градот Виена повеќе од еден век го има преземено на сопствени плеќи развојот и управувањето со најголемиот дел од домувањето и станбениот фонд во метрополата. Исто како што во останатите градови властите се грижат за обезбедување на јавен превоз, чистота на јавните површини, организирано собирање на сметот, пристап до вода за пиење и одведување на фекалните води.

Критериуми за доделување на становите 

Но, како функционира социјалното домување во Виена? На граѓаните на достап им се два типа на станови. Првите се оние домови кои се во целосна сопственост на Градот Виена, кои се изградени, управувани и одржувани од посебно претпријатие Wiener Wohnen. Вториот тип на станови се оние кои се издигнати со субвенции од виенските власти, но не се во сопственост на самиот град или на приватен субјект. Со овие станови раководи соодветно здружение за домување.

Станбени објекти во центарот на Виена; Фото: Мета.мк

Градските или кооперативните станови се доделуваат под одредени критериуми, кои треба да ги исполнуваат граѓаните. Условите се следни: да имате над 17 години, Виена да биде основно место на живеење на граѓанинот во последните две години, како и граѓанинот да е австриски државјанин, државјанин на друга земја-членка на ЕУ, бегалец со признаен статус или државјанин на трета земја кој има валидна дозвола за престој во Австрија за повеќе од пет години. Исто така, она што е клучно за да бидете вклучен во системот на социјално домување е вашиот приход да биде под лимитот утврден со Законот за промоција и рехабилитација на домувањето во Виена.

Притоа, градските власти даваат приоритет на оние граѓани кои подолго време живеат во Виена при распределбата на становите. Истовремено, сопружници и граѓански партнери во заедница не можат одделно да аплицираат за повеќе од еден стан.

Од друга страна,кооперативните станови изградени од здруженијата за домување и субвенционирани од градот им служат на членовите на овие соодветни здруженија, што пак значи дека предуслов е да бидете член во вакво непрофитно здружение. Притоа, кога живеат во кооперативен стан, станарите често треба да дадат финансиски придонес. Износот зависи од староста и локацијата на зградата, како и од големината на станот. Сепак, финансискиот придонес што го платил закупецот се враќа по раскинувањето на закупот, вклучувајќи амортизација од еден процент годишно.

Поедноставно кажано, становите во сопственост на градот се наменети првенствено за лицата со пониски примања. Доколку живеете во стан заедно со повеќе лица, тогаш можноста да добиете нов кров над глава е поголем, исто ако сте помлад од 30 години и повеќе од 10 години живеете заедно со вашите родители. Предност за добивањето општествен стан им се дава и на лицата со посебни потреби, граѓаните постари од 65 години или оние кои дотогаш живееле во супстандардни услови, младите семејства и парови, самците и самохраните родители.

Логоата на Градот Виена може да се најдат на многу објекти низ главниот град; Фото: Мета.мк

Кооперативните станови од друга страна се регулирани од градските власти, така што кириите и останатите трошоци се на такво ниво што жителите не би смеело да плаќаат повеќе од 25 отсто од вкупните примања во домаќинството. Кај ваквите станови, идните жители имаат можност и самите да учествуваат во планирањето и дизајнот на  објектот во кој ќе живеат, како и опременоста што ќе ја има истиот во иднина.

Бројот на вакви станови кои ги субвенционира Градот Виена расте со изградбата на околу 5.000 станбени единици на секоја година. Градските власти вложуваат по 500 милиони евра годишно за одржување на воспоставениот систем за социјално домување.

Важно е да се напомене и дека кооперативните станови се распределуваат по правила, а целта е да не се создадат енклави во градот каде живеат исклучиво жители со пониски примања или пак оние кои имаат високи плати, односно се внимава и на исклучување на социјалната стигматизација.

Крајните резултати од моделот на општествено домување во Виена се феноменално квалитетни услови за живот. Над 60 отсто од жителите на 1,8 милионскиот град живеат во некаква форма на субвенционирано домување, изградбата на станови ја контролира градот за да нема урбанистички хаос, а јавниот превоз се решава паралелно со внимателното урбанистичко планирање, при што сето ова е под капата на градската власт.

Еден од квартовите за индивидуално домување во Виена; Фото: Мета.мк

Во Виена нема шпекулации со цените на кириите, а Политико го опишува случајот на 21-годишен жител на градот кој се населил во општествен стан како самец што се решил да живее одвоено од родителите. За наместен стан од 33 метри квадратни лоциран во близина на историскиот центар на Виена, вклучувајќи ги и сите трошоци за домување, тој плаќа само 330 евра. За многу од европските градови, ваквата месечна сума за изнајмување стан е неколкукратно поголема и недостижна за младите, кои по правило се најранливи и имаат најниски примања во заедницата.

Каква е историјата на општественото домување во Виена?

Распадот на Австро-Унгарија и хаосот со недостиг на основни услови за живот на многу жители во 1919 година, на власт во Виена ја носи Социјалдемократската партија на Австрија. Со ова започнува историскиот период именуван како Red Vienna (Црвената Виена), во која социјалдемократите како врвен приоритет го ставаат акцентот на решавање на проблемот со домувањето на граѓаните.

Уникатниот проект наречен општински социјализам денес отиде многу чекори подалеку од обезбедувањето дом за секого. Тој денеска е пример за урбанистички поредок во еден град, на врвно планирање на идниот развој на станбените квартови и на висококвалитетен јавен превоз, паралелно со соработката со приватниот градежен сектор. Наместо градежна мафија, Виена има приватен градежен сектор, кој доколку сака да гради, е повикан да соработува со градските власти во изградбата на нови станови или реновирањето на постојните објекти.

На политички план, политиката за општествено домување на австриските социјалдемократи им овозможи во Виена да бидат најгласаната политичка партија од 1919 година до денес на секој одделен изборен циклус. Исклучок е периодот на национал-социјалистичката диктатура во периодот од 1933 до 1945 година.

До денешен ден, Градот Виена бара секој нов проект за станбена зграда да биде внимателно проектиран, за што посебни жирија од експерти се грижат да не се изберат најевтините проекти за градба, туку оние кои обезбедуваат врвна архитектура, зеленило и социјална одржливост. На тој начин, веќе воспоставениот систем од пред повеќе од еден век успешно се надоградува, на задоволство не само на постојните, туку и на идните жители на австрискиот главен град.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...