Вработен во полициската станица Драчево вчера пријавил дека непознат сторител му ја украл службената радиоврска од неговата канцеларија, информира денеска МВР.
Според пријавата, радиоврската со полнач и со резервна батерија била украдена во периодот меѓу 29 јули и 26 октомври оваа година.
„На 31 октомври 2016 година, во полициската станица Драчево, О.Д. (45) од село Сопиште, Скопско, вработен во наведената полициска станица, пријавил дека од 29 јули 2016 година од 16 часот до 26 октомври 2016 година до 5 часот од неговата канцеларија од страна на непознат сторител извршена била кражба на службена радиоврска со полнач и со резервна батерија, сопственост на МВР“, стои во информацијата на МВР за случајот.
Од полицијата велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.