Турција не се занимава со европските „црвени линии“ кога станува збор за слобода на медиуми, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим, откако претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, го осуди апсењето на уредникот на опозицискиот весник „Џумхуријет“.

– Браќа, нас не нè интересира вашата црвена линија. Народот е тој кој ја повлекува црвената линија, а вашите линии немаат значење – рече Јилдирим во говорот пред парламентот, обраќајќи им се на членовите на својата владејачка Партија на правдата и развојот.

Тој истакна дека нема проблем со слободата на печатот.

– Тоа е тоа за што не се согласуваме со нашите европски пријатели. Тие секогаш го посичуваат прашањето за слобода на печатот и нашите чекори во борбата против тероризмот – рече турскиот премиер.

Полицијата вчера го уапси главниот уредник и колумнист на „Џумхуријет“ поради наводна поддршка на весникот за неуспешниот пуч против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јули годинава.

Шулц рече дека апсењето претставува преминување на „уште една црвена линија“ кога станува збор за слободата на печатот и на изразување во Турција.