Учебната година заврши, a кога ќе започне следната, ќе се знае до крајот на месецов

До крајот на овој месец ќе има одлука на Влада за тоа дали следната учебна година ќе започне на 10 септември, наместо на 1, како досега

Од завршната приредба на учениците во основното училиште „Григор Прличев“ во населбата Железара. Фото: Мета.мк

Денеска завршува учебната година за околу 185.000 основци во Македонија. Со пригодни музички приредби, но и со „жива“ музика за полуматурантите во школските дворови, беше означен крајот на училишните обврски за изминатава 2022/2023 година. Сега следуваат завршни родителски средби и совети, на кои ќе бидат утврдени завршните оценки на учениците.

Министерот за образование Јетон Шаќири за Мета.мк информира дека до крајот на овој месец ќе има одлука на Влада, дали следната учебна година ќе започне на 10 септември, наместо на 1, како досега.

Дел од педагошката евиденција, вклучително и оценките на учениците, наставниците ги внесуваат во електронски дневник. Надлежните во МОН размислуваа да се овозможи да има дигитални свидетелства, но засега нема најави дека таа новина скоро ќе се реализира.

Надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) ветија дека нема да доцнат свидетелствата за учениците. Секое училиште индивидуално ќе ги одреди датумите за доделување на свидетелствата.

„Бирото за развој на образованието (БРО), под чија надлежност е спроведувањето на постапката за набавка на педагошка документација за училиштата (вклучително и свидетелства), веќе ја реализирале таа обврска. Склучен е договор со економски оператор и истиот веќе ги испорачува свидетелствата за сите одделенија“, соопштија од МОН.