Од МОН ветуваат дека свидетелствата годинава нема да доцнат како лани

Лани, безмалку цело полугодие се бараше фирма што ќе печати свидетелства. Исто како и годината пред таа, учениците во основното и во средното образование не ги добија свидетелствата за постигнатиот успех на крајот на јуни, како што со години наназад е пракса

Фото: Мета.мк

Учениците од основните и средните училишта на време ќе ги добијат свидетелствата за учебната 2022/2023 година, односно, ќе ги добијат следниот месец, ветуваат надлежните во Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму појаснуваат дека нивните колеги во Бирото за развој на образованието (БРО), под чија надлежност е спроведувањето на постапката за набавка на педагошка документација за училиштата (вклучително и свидетелства), веќе ја реализирале таа обврска.

„Склучен е договор со економски оператор и истиот веќе ги испорачува свидетелствата за сите одделенија, а завршена е доставата за учениците од четврто и деветто одделение во основното образование, како и за учениците од завршните години во средното образование“, наведено е во соопштението на МОН.

По целосната испорака, секое училиште индивидуално ќе ги одреди датумите за
доделување на свидетелствата за секое одделение.

„Апелираме тоа да се случи што поскоро по завршување на наставната година, која согласно Календарите за организација на работата на училиштата, за основците трае до 14 јуни, додека за средношколците до 9 јуни“, потенцираат во МОН.

Лани, безмалку цело полугодие се бараше фирма што ќе печати свидетелства. Исто како и годината претходно, учениците во основното и во средното образование не ги добија свидетелствата за постигнатиот успех на крајот на јуни, каква е праксата години наназад. Но, за Мета, директорот на БРО, Зекирија Хасипи, кажа дека ова воопшто не е проблем оти свидетелства може да се поделат до крајот на август, оти законски, секоја учебна година трае токму до тогаш, иако учениците се на распуст.