fbpx

Ципрас: Може да се игнорира волјата на владата, но не и волјата на народот

-

Со голема доза оптимизам, премиерот на Грција, Алексис Ципрас ги поздрави граѓаните кои денеска гласаат на критичниот референдум. Насмеан, без вратоврска, дочекан од огромен број домашни и странски новинари, Ципрас денешниот ден го оцени како славенички бидејќи демократијата е прослава и среќа.

– Грчкиот народ денеска испраќа силна порака. Порака на достоинство, одлучност. Многумина може да ја игнорираат волјата на една влада, но никој не може да ја игнорира волјата на еден народ да живее, да живее со одлучност, да го има животот во свои раце – истакна Ципрас откако го оствари своето гласачко право.

Испраќајќи порака за единство, тој истакна дека на денешното гласање демократијата ќе го победи стравот, а одлучноста на народот – пропагандата на стравот. Децидно изјави дека е сигурен дека од утре се отвара еден нов пат за сите европски народи на враќање на основите европски принципи на демократијата и на солидарноста.

Оптимизмот на Ципрас, според информациите во новинарски кругови, се темели на резултатите од тајните анкети на јавното мислење. Според неофицијални информации кои се слушаат во новинарските коридори, анкетите покажуваат дека на референдумот веројатно ќе преовладаат гласовите против односно „не“ со 2-4 отсто пред гласовите „за“ мерките на европските кредитори, со можност оваа предност до крајот на референдумот дополнително да се зголеми. Доколку пребројаните гласови ги потврдат бројките, тоа ќе значи дека Ципрас ќе добие нови поддршка да ги продолжи преговорите во слична насока. Сепак, се чекаат крајните бројки и крајниот процент за да се види колкава ќе биде потенцијалната сила и поддршка, бидејќи на владата ѝ е потребна поголема поддршка за да продолжи со пркосот против ЕУ.

Прашањето кое и натаму се поставува во Грција е што од понеделник, кога Европската централна банка одлучува за иднината на грчките банки, а кредиторите не гледаат позитивно на ново „не“ од грчка страна кое ќе се противи на нивните идеи.

Голем број од политичките лидери по гласањето испратија порака за единство и останување во еврозоната. Лидерот на опозициската Река, Ставрос Теодоракис, по гласањето изјави дека се надева да не роди плод семето на раздорот кое е посадено оваа недела со референдумот.

– Денеска сите, обединети треба да ја засилиме европската перспектива на државата и премиерот да го одржи неговото предизборно ветување за останување во ЕУ – истакна Теодоракис.

Поранешниот премиер, Андонис Самарас, испрати јасна порака дека народот треба да гласа „за“, за Грција и за останување на еврото.

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, повика на единство на народот од утре независно од денешното гласање.

– Неопходно е да гласаме совесно со единствен фактор, националниот интерес и иднината на државата и на народот. Независно од исходот, тешкиот пат од утре треба да го изодиме со нескршено единство. Тоа го направија и нашите предци во критичните моменти. Продолжуваме сите заедно – додаде Павлопулос.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел оди во финалето на Евровизија и покрај протестите со поддршка за Газа во Малме

Израелскaта пејачка Еден Голан се квалификуваше за финалето на Евровизија после јавното гласање. Нејзината победа следуваше неколку часа откако илјадници пропалестински демонстранти се собраа на улиците на Малме, Шведска, каде...