Цензура и на интернет: МАРНЕТ го брани Груевски од „zbogumnikola.mk“

-

Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ) реагираше на вчерашната прес-конференција на дополнителниот заменик-министер за информатичко општество, Александар Кирацовски, на која тој обвини дека мрежата овозможила кражба на доменот „zbogumnikola.mk“ кој бил купен од СДСМ.

Од МАРНЕТ велат дека веќе пет години функционираат како самостојна јавна установа без ниту една дамка на своето работење и претставуваат лидер во регионот за електронска односно интернет-регистрација на национален домен.

„Според европските директиви за либерализација на пазарот на национални домени, од 1 април 2014 година, во согласност со правилникот за организацијата и за управувањето со врвниот македонски домен „.мк“ и со врвниот македонски домен „.мкд“, МАРНЕТ не врши регистрација на домени, а правото за тоа го пренесе на приватни регистратори. Регистраторите имаат целосно овластување самостојно да извршат регистрација на домен кој е слободен во моментот на регистрација, односно не е зафатен. Регистрацијата на домените регистраторите ја вршат без претходно одобрување од страна на МАРНЕТ, односно МАРНЕТ нема никаков пристап при самиот процес на регистрација на домен што го врши регистраторот. Во согласност со ова, МАРНЕТ не може да дава какво било одобрување за регистрацијата на одреден домен“, пишува во реакцијата на МАРНЕТ.

Оттаму додаваат дека меѓусебните права и обврски на МАРНЕТ и на регистраторите се регулирани, односно утврдени со договор.

Ова не е првпат МАРНЕТ да одбие да регистрира домен. Првиот пат познат за јавноста се случи во 2010 година. Тогаш без конкретно образложение и причина, МАРНЕТ не дозволи регистрација на доменот „wikileaks.mk“.

Хостинг-компанијата „МК хост“ на својот твитер-профил тогаш напиша дека истиот ден кога побарале да се регистрира „Викиликс“, имале и барање за уште два други домена. Вторите биле регистрирани, а „Викиликс“ не.

„Преку нашата веб-страница добивме порачка за регистрација на доменот „wikileaks.mk“, кој веднаш го проследивме до МАРНЕТ. Истиот ден проследивме уште два домена. По два-три дена, двата домена беа регистрирани, но не и доменот „wikileaks.mk“. По една недела дена се обидовме да контактираме телефонски со МАРНЕТ, но ни рекоа дека има некој проблем и ќе ни се јават за 10 минути… Повратен повик не добивме тој ден. По неколку дена, откако испративме три е-меила, добивме одговор дека доменот не може да се регистрира, без подетално да објаснат зошто“, изјави тогаш Иван Петрушевски од „МК хост“.

Кирацовски вчера на прес-конференцијата рече дека ќе побара инспекциски надзор да го прегледа работењето на МАРНЕТ.

Затоа што не биле во можност да го регистрираат бараниот домен (со „.мк“), СДСМ направиле страница „zbogumnikola.com“.

Од владејачката пратија испратија реакција во која се вели дека „СДСМ не умее да регистрира една веб-страница, а сака да води држава“.

Во правилникот објавен на интернет-страницата на МАРНЕТ пишува: „Со домените „.mk“ управува Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ, која во исто време е администратор на доменот „.mk“. Со домените „.мкд“ управува МАРНЕТ, која во исто време е администратор на „.мкд“ доменот“.

Член 15:

МАРНЕТ е надлежна да: спроведува постапка за регистрација на домените во согласност со овој правилник; извршува технички работи поврзани со постојано и стабилно функционирање на примарниот именски опслужувач за сите „.mk“ и „.мкд“ домени; го води регистарот; спроведува постапка за именување регистратори; спроведува арбитражна постапка како што е утврдено со закон и со овој правилник; врши други работи утврдени со закон и со другите акти.

Член 18:

Регистрација на домени врши МАРНЕТ. Правото да вршат регистрација на домени, МАРНЕТ може да го пренесе и на трети лица во својство на регистратори, со кои ќе биде склучен договор. Барање за регистрација на домен регистрантот поднесува кај регистратор по негов слободен избор.

Член 21:

Регистрантот може да бара писмено известување за регистриран домен од МАРНЕТ. На писмено барање на регистрантот, МАРНЕТ издава писмено известување – потврда со податоците што се запишани во регистарот.

 

Македонските стрип-автори меѓу најбројните на Меѓународниот салон во Белград

На 21. Меѓународен салон на стрип во Белград, кој од 26 до 29 септември се одржува во Студентскиот културен центар, македонските учесници традиционално се меѓу најбројните. На распишаниот стрип-конкурс...