Доколку шефот на Николоски, премиерот Мицкоски на два пати се откажа од т.н. „меден месец“, односно 100 дена пауза на оценки и критики на владата за да се организира и да ги воспостави полугите на извршната власт, недоследно е сега вицепремиерот да се жали и на опозицијата и на медиумите и на невладините дека ги попречиле „да испорачуваат проекти“, пишува Вистиномер.
Изјава на Александар Николоски, вицепремиер и министер, а во врска со џентлменски 100 дена за владата има елементи на недоследност:
Она што сакам да го искоментирам е дека ние сме веројатно првата влада во историја на државата, а веројатно и во пошироко во регионот која не доби 100 дена да може да се организира и да може да испорачува проекти.
Ние сме два и половина месеци на власт, далеку сме уште од 100 дена, а односот на опозицијата и хистеријата којашто ја создава опозицијата и нивни блиски медиуми, невладини организации итн, е како ние да сме десетта година на власт, што мислам дека е лошо за нив … Единствено покажаа само колку ситни луѓе се и ситни души и не ни дадоа 100 дена за да можеме да покажеме кој сме и што сме…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Николоски/вест – датум: 18.09.2024]
Образложение: Изјавата на заменик-претседателот на владата и министер за транспорт Александар Николоски околу стоте дена што секоја влада треба да ги ужива од кога ќе дојде на власт е недоследна од најмалку три причини.
Првата лежи во фактот што ваквата констатација на Николоски е во спротивност со неговиот шеф, премиерот Христијан Мицкоски, кој самиот во Собранието при инаугуративниот говор се откажа од 100-те дена, односно рече дека на владата и нему не му требаат ни 100 дена, ни 100 минути зашто состојбите во земјата биле толку лоши што нема време за чекање, туку за интензивна работа и акција:
Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за сѐ јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите, рече Мицкоски.
Неколку дена пред тоа на 17.06.2024 на прославата од 34-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го изјави следното:
Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден.
Од тука, после без малку три месеца од формирањето на Влада, нејзиниот заменик-претседател да се жали на тоа што опозицијата не му дала 100 дена грејс период не е доследно, дотолку повеќе што опозицијата, според импресии на јавноста и не беше многу активна во јули и август.
Втората причина поради која изјавата може да се смета за недоследна е оценувањето на медиуми и невладини организации на „нивни“, на опозицијата. Вицепремиер во влада која и во својата Програма се обврзува да ја почитува демократијата, слободните медиуми и да го поддржува граѓанскиот сектор при градењето на владините политики (стр.60/61), не е доследно да ги дели на нивни, т.е. опозициски и други. Зашто ако постојат опозициски, тие другите може да бидат и провладини и пропартиски, т.е на ВМРО-ДПМНЕ. Да не се заборава и фактот дека секоја влада, (како и секоја опозиција која партиципира во законодавниот дел од власта), треба да биде под будно, критичко око на јавноста, токму преку медиумите и невладините организации, па така нема баш место за плачење.
Конечно, недоследно е и тврдењето во делот кога наведува, цитираме, „покажаа само колку ситни луѓе се и ситни души и не ни дадоа 100 дена за да можеме да покажеме кој сме и што сме“. Ова тврдење на вицепремиерот е целосно беа аргумент, зашто со повеќето законски промени по скратена постапка, а со цел спроведување владини политики и со секојдневните активности, па и во неговиот ресор транспорт и врски, не може да се каже дека опозицијата ги спречувала да покажат кои се и што се, односно, квалитететите за кои зборува Николоски сигурно дошле на виделина затоа што опозицијата на централно ниво не успеа да спречи ниту еден проект, ниту една промена на закон, ниту пак покажала некои поинакви способности на терен со герила акции или слични активности.
Поради овие аргументи изјавата на Николоски дадена при ТВ интервју во еден од медиумите, ТВ Алфа, може да се оцени како недоследна.
Извори:
- (18.09.2024) ВМРО-ДПМНЕ – Николоски/веб сајт – [Проверено на 19.09.2024]
- (17.06.2024) ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски/говор – [Проверено на 19.09.2024]
- (22.06.2024) Дојче Веле – Мицкоски: Нема да барам 100 дена меден месец– [Проверено на 19.09.2024]