Тренчевска и ДиЏовани: Гаранцијата за децата ќе биде наш приоритет

Тренчевска на средбата со претставничката на УНИЦЕФ во земјава истакна дека нејзините следни чекори ќе бидат во промоција на важноста за менталното здравје кај младите

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Гаранцијата за деца ќе биде приоритет во идниот период затоа што од таа програма се очекува особен успех и подобрување на квалитетот на живот на децата во државата.

Ова на заедничката средба го констатираа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани, кои разговарале за идните приоритети во соработката помеѓу министерството и УНИЦЕФ.

Тренчевска и ДиЏовани разговарале и за вложување во зајакнување на капацитетите на кадрите во градинките во делот на правилна исхрана на децата во градинките.

Министерката Тренчевска посочи дека моментално се зајакнати кадрите кои ја планираат исхраната на децата во градинките и дека поддршката на УНИЦЕФ во овој дел навистина ќе придонесе во исполнување на заедничката цел.

Последна тема на разговор била иницијативата „Walk and Talk“ која што е веќе завршена, a во која биле вклучени повеќе од 500 млади лица.

Тренчевска истакна дека нејзините следни чекори ќе бидат во промоција на важноста за менталното здравје кај младите, истакнувајќи дека за неа е од особена важност да ги сврти младите кон поголема добросостојба која придонесува кон подобар квалитет на живот.