fbpx

„То вима“: Политичката криза во Македонија ги менува работите за грчката дипломатија

-

Политичката криза во Македонија, паралелно со финансиските и со внатрешните проблеми во Грција, поставува прашалници за потенцијалното придвижување и за напредок во грчко-македонските односи и преговори за името и за мерките за доверба. Грчкиот весник „То вима“ во анализа на ситуацијата во Македонија, коментира дека политичката криза создава нови моменти и услови за грчката дипломатија во пристапот кон македонско-грчките врски, во моменти кога Грција ја активира иницијативата за мерки за градење доверба и во период кога се разговара за потенцијална нова енергетска соработка преку нов руски гасовод.

Во анализата на „То вима“ се забележува дека речникот на Советот за надворешни работи на ЕУ во заклучоците за Македонија првпат е до толку строг што креира сомнежи дека ЕУ можно е да одлучи во следниот период да не даде нова препорака до Комисијата за датум за почеток на преговори меѓу Скопје и Брисел. Ваквите коментари од Брисел и ескалирањето на политичката криза во Македонија, според весникот, создаваат загриженост кај грчката дипломатија за ефективноста на иницијативата за мерки за градење доверба, но и загриженост за можни нови меѓународни притисоци врз Грција за отстапки во преговорите за името.

Според анализата, грчки дипломати последниов период изразуваат сомнежи дали постои соодветен и отворен соговорник од македонска страна кој би ја прифатил дискусијата и преговорите за мерки за градење доверба во моменти кога постои толку силна внатрешна криза. Дипломатски извори за весникот предупредуваат на можни нови проблеми, кои може да се создадат за Атина во играта на влијание меѓу Берлин и Москва врз Балканот, како и можното дестабилизирање на Македонија.

Дипломатите предупредуваат дека Грција може да се најде во незгодна ситуација поради силниот натпревар меѓу Германија и Русија за влијание на Балканот. Оцените во дипломатски кругови во Атина се дека Германија се обидува да го земе Балканот под своја закрила и да не дозволи да падне во руски раце.

„Се чини дека германската страна сака главно преку инвстиции да ги земе во свои прегратки државите од Западен Балкан и да не ѝ дозволи на Русија да го задржи или зголеми своето влијание врз регионот, и тоа во период кога не се очекува нов бран проширување на ЕУ барем во следните пет години. Ваквиот развој на настаните би можел да ја стави Атина во ситуација да избира меѓу Берлин и Москва“, пишува „То вима“.

Втората ситуација, на која предупредуваат грчки дипломати дека треба да е спремна грчката дипломатија, е потенцијалната дестабилизација на Македонија. Доколку дојде до оваа екстремна ситуација, коментарите се дека Грција одново може да се најде притисната во менгеме од меѓународните партнери, кои би побарале од неа да се откаже од своите црвени линии и да ја крене рампата за прием на Македонија во НАТО.

Аналитичари и дипломати во Грција кои долго го следат спорот за името, за „Мета“ коментираат дека потенцијалниот застој во преговорите за мерки за градење доверба би бил не само поради политичката криза во Македонија, туку и поради економските и политичките проблеми со кои се соочува и грчката влада и нејзината фокусираност главно на преговорите со ЕУ за одобрување нова финансиска помош.
Новата иницијатива и разговори за мерки за градење доверба меѓу Македонија и Грција се очекува да бидат претставени на утрешната средба на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, и со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. За потсетување, мерките за градење доверба се практични мерки кои може да ја помогнат практичната, економска, културна и општествена соработка, како отворање нов граничен премин, развивање нова железничка линија со изградбата на железничката пруга Битола – Кременица, соработка во областа на културата, олеснувања за економската соработка кои ќе помогнат да почне да се топи мразот во македонско-грчките односи и би помогнале индиректно за подобрување на комуникацијата и подобро разбирање за решавање на спорот за името.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...