Тинејџерски рок бенд од Украина со песната „Војна“ иницира на мир со Русија

Фото: Принтскрин од видеото на Би-би-си

Додека руските трупи се наоѓаат на границата со Украина претставувајќи закана за можна инвазија, тинејџерскиот рок бенд од градот кој се наоѓа на помалку од километар со граничната линија, Авдивка, својот мир го наоѓаат во музиката, пренесува Би-би-си.

„Иако многумина мислат дека тука има немири и се пука, Авдивка е многу мирен и убав град“, вели Максим, тапанарот во бендот.

Во својата песна пеат против војната, ја изразуваат нивната желба за мир, пеејќи го рефренот на руски, а останатиот текст на украински јазик. Тие се сеќаваат и го опишуваат нивното немило искуство по конфликтот во 2014-2015 година, велејќи дека не сакаат да се повтори тоа и дека нема потреба.

„Сите ние сме ја виделе војната, знаеме што е тоа и се разбира дека се плашиме дека истото ќе се повтори. Но, јас избирам да не мислам на тоа, доволно беше она што го доживеавме пред неколку години“, вели Лара која свири бас гитара.

„Во песната „Војна“ ги опишав сите чувства што се појавија во мене за време на војната пред неколку години. Со родителите бевме принудени да спиеме во ходникот во вреќи за спиење за ако се случи нешто, полесно и побрзо да истрчаме до подрумот“, раскажува во видеото Вадим, пејачот и гитарист во бендот.

Актуелната ситуација за можниот конфликт меѓу Русија и Украина останува неизвесна, означувајќи ја опасноста за животите на луѓето кои живеат на територијата на двете земји.

„Додека свириме, впиваме енергија и забораваме на она што се случува околу нас. Така е полесно“, споделува Илија, другиот гитарист.

Целото видео проследете го ТУКА.